Иран го суспендираше рамковниот договор со САД и упати остри пораки до Вашингтон
Иранската влада денеска објави дека рамковниот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран повеќе не е во сила.
– Иран го суспендираше договорот – изјави заменик-министерот за надворешни работи, Казем Харибабади.
– Ангажирани сме во одбраната на земјата – изјави Харибабади во телевизиско интервју, додавајќи дека Американците со своите агресивни мерки ги прекршиле своите обврски од Меморандумот за разбирање од Исламабад. Тој објасни дека поради тоа Иран смета оти повеќе не е должен да ги почитува обврските договорени со документот.
Иранскиот врховен лидер, Моџтаба Хамнеи, во писмена изјава оцени дека повторените американски прекршувања на договорот покажале оти потписот на американскиот претседател, Доналд Трамп, е „целосно безвреден и лишен од кредибилитет“. Хамнеи порача дека САД треба да знаат дека иранскиот народ и „фронтот на отпорот“ подготвиле „незаборавни лекции“ за тоа.
САД и Иран во средината на јуни постигнаа рамковен договор кој требаше да го отвори патот кон траен прекин на војната. Договорот предвидуваше постигнување конечен договор во рок од 60 дена, како и повторно отворање на стратешки важната Ормуска Теснина. Примирјето беше во сила од почетокот на април, но конфликтот во Персискиот Залив повторно ескалираше на почетокот на јули.