Зеленски: Украина погоди нафтен објект и големи логистички центри длабоко во Русија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека украинските сили погодиле два големи логистички објекти во Московската и во Тамбовската област во Русија, како и руски нафтен објект, како одговор на руските напади врз украинската цивилна инфраструктура.

„Денеска нашите удари со оружје со долг дострел погодија цели во три региони на руската територија, како и на нашите привремено окупирани територии и на море. Поточно, како одговор на руските напади врз нашата цивилна инфраструктура, градови и населени места, беа погодени два големи логистички објекта во Московската и во Тамбовската област, оддалечени повеќе од 500, односно околу 700 километри од линијата на фронтот“, напиша Зеленски на Фејсбук.

Според него, овие објекти биле користени за испорака на компоненти што се под меѓународни санкции, наменети за производство на беспилотни летала и навигациска опрема.

Зеленски додаде дека бил погоден и нафтопреработувачки објект, а украинските сили со оружје со среден дострел извршиле напади и врз цели во Азовското Море, во Црното Море и на привремено окупираниот Крим.

„Им благодарам на припадниците на Силите за специјални операции, на Вооружените сили на Украина, на Службата за безбедност на Украина (СБУ), на Главната разузнавачка управа (ГРУ) и на сите единици на украинските одбранбени сили за прецизното и координирано извршување на нивните задачи. Слава на Украина!“, истакна Зеленски.

Во меѓувреме, руски официјални претставници соопштија дека во текот на ноќните украински напади со дронови во Русија загинале осум лица, а повеќе од 60 се повредени.

Според руските власти, два големи магацина на рускиот онлајн трговец „Вајлдберис“ биле погодени во текот на ноќта – едниот во градот Котовск во Тамбовската област, на околу 360 километри од украинската граница, а другиот во Електростал, на околу 50 километри источно од Москва.

Во двата магацина избувнал пожар. Основачката на „Вајлдберис“, Татјана Ким, изјави дека пожарот во Котовск е изгаснат, додека фотографиите и видеоснимките објавени од руските медиуми покажуваат голем пожар во објектот во Електростал, над кој се издигале густи облаци чад.