Како Епстин ги регрутирал жртвите: Сведоштво на поранешна асистентка за Би-Би-Си
Жена која со години работела како една од асистентките на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин изјави за Би-Би-Си дека покојниот американски финансиер воспоставувал контрола врз жените преку психолошка манипулација, финансиска зависност, закани и изолација, опишувајќи го неговиот систем како „култ“ во кој тој бил водач.
Жената, претставена под псевдонимот Ања, изјави дека по осудата во 2008 година Епстин го променил начинот на регрутирање жртви и почнал главно да таргетира млади полнолетни жени од Русија и Источна Европа, ветувајќи им кариера во модната индустрија и деловни можности.
Според нејзиното сведоштво, таа влегла во кругот на Епстин преку модниот агент Даниел Сијад, по што финансиерот ѝ ветувал помош за манекенската кариера, организирал средби со луѓе од модната индустрија и постепено ја стекнувал нејзината доверба.
Ања тврди дека Епстин подоцна сексуално ја злоупотребувал и дека, откако станала една од неговите асистентки, тој контролирал речиси секој аспект од нејзиниот живот, вклучувајќи ги финансиите, сместувањето, контактите со други луѓе и пристапот до здравствена заштита.
Таа наведува дека асистентките му биле достапни 24 часа дневно, живееле во станови под негова контрола и биле целосно зависни од него, а сексуалната злоупотреба траела со години.
Ања дополнително го обвинува Епстин дека собирал компромитирачки материјали за жените, вклучително фотографии и видеоснимки, како и дека ги поттикнувал да пишуваат писма со благодарност, кои, според неа, служеле како дополнителен механизам за контрола.
Според нејзините наводи, Епстин ги охрабрувал своите асистентки да регрутираат нови млади жени, а меѓу нив намерно создавал недоверба за да спречи создавање поблиски односи и меѓусебна поддршка.
Таа раскажа и дека Епстин ја убедил да се подложи на хируршко отстранување на тетоважа, по што ѝ останале трајни лузни, а подоцна инсистирал и на дополнителна операција бидејќи не бил задоволен од резултатот.
Нејзините тврдења делумно ги потврди и поранешната соработничка на Епстин, Сара Келен, која претходно пред американските законодавци изјави дека тој систематски ја уништувал способноста на жените самостојно да носат одлуки и ги правел зависни од него.
Епстин почина во 2019 година во затвор во Њујорк, додека чекаше судење по обвиненијата за трговија со малолетнички заради сексуална експлоатација.
Ања и Келен подоцна добија обештетување од фондот за жртви формиран по неговата смрт.