„Не е точно, знаеше дека ќе поднесам оставка ако ми ги одземе предметите“: Ристоска го демантира Савески

Ленче Ристоска вели дека лично го информирала обвинителот Савески за нејзината намера ако ѝ ги одземе предметите


 

Ослободителните пресуди за „Талир 2“ го заплеткуваат судството и обвинителството во нов јазол. А него изгледа дополнително го стега државниот обвинител Ненад Савески.

Поранешната обвинителка Ленче Ристоска денеска брзо реагираше на тврдењата на Савески за предметот „Талир 2“, откако ѝ го одзеде предметот на Ристоска имал намера пак да ѝ го врати ако не поднела оставка како обвинителка.

„Тоа не точно“, напиша Ристоска на Фејсбук. Таа вели дека како обвинител за врски, согласно правилникот за предлагање и упатување јавен обвинител за врски на Македонија во Европравда, по правило можела да постапува по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок и по предмети по кои претходно постапувала, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител“. Ристоска нагласува дека предметот „Талир 2“ не бил во надлежност на Канцеларијата за врски, туку таа постапувала по него врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител.

„Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет“, наведува Ристоска.

Таа додава дека за ова лично го информирала обвинителот Савески на состанок пред да ја поднесе оставката, како и дека му посочила дека доколку бидат повлечени овластувањата по предметите по кои работела, тоа ќе биде причина за нејзино повлекување.

Еве што напиша Ристоска за одземенените овластувања со кои го демантира Савески:

„Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот ‘Талир 2’ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка. Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител и по предмети по кои претходно сум постапувала. Предметот ‘Талир 2’ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски — во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет.

Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука. Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука — но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“.

Савески денеска за новинарите изјави дека „Талир 2“ бил под надлежност на ОЈО Скопје.

„Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет. Одлуката на обвинителката Ристоска да поднесе оставка беше нејзина лична одлука“, рече државниот обвинител.