Украински дрон предизвика пожар во рафинерија во рускиот град Волгоград
Полноќен напад со украинско беспилотно летало предизвика пожар во нафтена рафинерија во рускиот град Волгоград, на југот на Русија, изјави денеска гувернерот на регионот Волгоград, Андреј Бочаров, цитиран од британските медиуми.
Според него, пожарот бил брзо изгаснат, а инцидентот поминал без жртви.
-Како резултат на удар на дрон со последователна детонација, избувна пожар на територијата на рафинеријата Волгоград. Противпожарните екипи веднаш го изгаснаа пожарот. Немаше жртви, напиша Бочаров во „Телеграм“, цитиран од руските медиуми.
Руските сили претходниот ден ги нападнаа речиси сите сектори на фронтот, а забележани се 155 судири, соопшти утрово Генералштабот на вооружените сили на Украина.
На правецот Харков, руските сили, со поддршка на авијацијата, извршија 12 напади во областа Стрелечја, Красноје, Мороховец, Олејниково, Лукјанци, Гатише, Плетенјовка, Пиљна, Волчанск и Бугруватка, пренесуваат украинските медиуми.
Киев претходно објави дека руските сили во петокот наутро се обиделе да ја пробијат одбранбената линија на украинската армија во областа Харков и дека во тој сектор на фронтот биле испратени резервни единици за зајакнување на одбраната.