Украина собори руски „летечки радар“ вреден 300 милиони долари

За еден месец руската армија губи два од нивните „авакси“ заедно со најголемите специјалисти


До пред војната Русија имаше 11 од овие авиони „А-50“

 

Руските воздушни сили по втор пат од почетокот на годината го загубија воздушниот авион за рано предупредување и контрола „А-50“ што е екваливент на американскиот „авакс“. Извидувачкиот авион бил соборен во петокот вечерта над Азовското Море, јавија руските Z-дописниците, а го потврдија и украинските медиуми.

Извори на РБЦ-Украина објавија дека авионот вреден повеќе од 300 милиони долари бил уништен како резултат на заедничка операција на воздухопловните сили и Главната управа за разузнавање. „Шансите да се спаси авионот се минимални“, рече изворот на публикацијата.

Според прелиминарните податоци, „А-50“ се урнал во територијата на Краснодар.
Каналот „Романов лајт“ тврди дека авионот бил соборен од руските сили за воздушна одбрана. „Непријателот нема никаква врска со соборувањето“, пишува тој. Според „Романов“, ударот го погодил и големиот авион „Ил-22М“, воздушно командно место што ги контролира борбените единици на фронтот. Овој авион наводно безбедно слетал во градот Анапа.

Каналот „Два мајори“напиша: „’А-50’. Повторно. Повторно. Повторно. Ресурсот на овие авиони е речиси необновлив. Екипажот е посебна работа. Највисоките специјалисти. Не можете да ги донесете од Централна Азија“.

Според „База“, на местото на несреќата избувнал пожар, а очевидците велат дека слушнале звук на експлозија, по што „неидентификуван предмет паднал од небото“. На местото на настанот пристигнале вработени во Министерството за вонредни состојби.

Според информациите во авионот имало меѓу 12 и 19 врвни специјалисти.

„А-50“ се нарекува „летечки радар“. Станува збор за модификација на „Ил-76“, кој е способен да ја следи ситуацијата во воздушниот простор и да детектира воздушни и копнени цели за да ги насочи своите летала кон нив. Руската армија можеби има 11 вакви авиони, од кои секој чини до 500 милиони долари. До почетокот на 2024 година Русија не загуби ниту еден таков авион во Украина.

Вечерта на 14 јануари, украинските вооружени сили соборија уште еден авион „А-50“ над Азовското Море и го оштетија воздушниот команден пункт „Ил-22М11“.