Украина, Молдавија и Грузија слават, ЕУ горда што ги исполни ветувањата
Украина ја слави одлуката на Европската унија да започне преговори за членство што беше донесена на вчерашниот самит на ЕУ кој заврши во раните утрински часови. Министерот за надворешни работи Димитро Кулеба одлуката ја нарече историски ден за Украина.
„Каков историски ден! Доминира една емоција: сè не беше залудно. Одлуката за отворање на преговорите за пристап на Украина во ЕУ е нов почеток за Украина и цела Европа. Им благодарам на ЕУ и на сите лидери што го одржаа зборот, напиша Кулеба на Твитер. Претседателот Володомир Зеленски пак одлуката ја нарече победа, без оглед што беше блокирана помошта од 5о милијарди евра од страна на унгарскиот претседател Виктор Орбан.
„Ова е победа за Украина. Победа за цела Европа. Победа која мотивира, инспирира и зајакнува“, порача Зеленски.

Одлуката донесе радост и во балтичките земји кои најмногу притискаа за преговорите со Украина, Молдавија и кандидатскиот статус за Грузија. Претседателот на Латвија, Едгарс Ринкевичс, порача дека ова е навистина историска одлука и дека Украина, Молдавија, Грузија, Босна и Херцеговина се незаменливи делови на Европа.
„Тие заслужуваат да живеат како слободни и демократски народи и во мир!Горди сме на Европската Унија вечерва!„- порача тој.
📽️: Council of the European Union pic.twitter.com/e4pYslsdwa
— The Kyiv Independent (@KyivIndependent) December 14, 2023
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел кога ја објави историската одлука
Естонската премиерка Каја Калас ја поздрави одлуката за почнување преговори со Украина со зборовите „Украина и припаѓа на Европа и ние стоиме зад Украина… тоа е важен сигнал за украинскиот народ, оние што се борат во рововите, дека има надеж. Тие се борат за Европа и ние сме со нив“.
Честитки испратија и американски функционери, меѓу кои и американската амбасадорка во Грузија која оцени дека европскиот дух на грузискиот народ, посветеноста на демократијата и слободата ја направиле сета разлика.

„Има уште пат да се оди. Се надевам дека ќе се видиме наскоро во ЕУ каде што припаѓате.
Честитки до народот на Грузија за историскиот ден за земјата и за ЕУ. Ве слушнавме вас и вашите европски аспирации, а денес Грузија е горда што ѝ е даден кандидатски статус за ЕУ.Ова значи надеж“, порача амбасадорката Бриџит Бринк.
Амбасадорката на САД во Киев им ја честиташе исто така историската одлука на ЕУ на сите Украинци.
„ Оваа одлука е доказ за силата и моќта на украинската визија за земјата и нејзината иднина, како и за тешко стекнатите напори на владата и народот да се оствари.Историјата се пишува пред нашите очи. Лидерите на ЕУ одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина. Со оваа одлука ЕУ ги препозна и реформите што ги спроведовме во последните години и спроведувањето на сите препораки на Европската комисија. Тежок пат е пред нас. Подготвени сме да се впуштиме во тоа што е можно побрзо. Украина ќе биде членка на ЕУ·
Роберта Мецола претседателката на Европскиот парламент смета дека ова е горд момент за Европа, за Украина и за Молдавија, како и за сите се борат за европските вредности, што гледаат на Европа како светилник на надеж.
„Ги одржавме нашите ветувања. Напишавме историја. Сега заедно ќе ја пишуваме иднината“, рече Мецола.

Слична порака упати и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен: „Стратешка одлука и ден кој ќе остане врежан во историјата на нашата Унија. Горди што ги исполнивме нашите ветувања и се радувавме на нашите партнери“.
„Победа за Украина – и победа за слободата на народите да изберат каде припаѓаат. Во овој случај: ЕУ и НАТО. Украинците нема да бидат спречени да го преземат своето вистинско место во евроатлантското семејство.ЕУ лидерите одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија и да и дадат кандидатски статус на Грузија“, напиша помошникот генерален секретар за политички прашања во НАТО. Борис Руг. Зигфрид Муресан, потпретседател на ЕП, рече дека одлуката за почеток на пристапните преговори во ЕУ со Украина и Молдавија е оправдана и правилна. „Преговорите за пристап се најдобриот инструмент за реформи и модернизација на земјите кандидати.Ова е во интерес на овие земји и во интерес на Европската Унија“, оцени тој.
Претседателката на Молдавија Маја Санду порача дека и е чест што го споделува патот за пристапување во ЕУ со Украина и претседателот зеленски. „ Немаше да бидеме овде денес без храбриот отпор на Украина против бруталната инвазија на Русија. Ајде да тргнеме на ова патување заедно за да изградиме уште посилна, пообединета Европа“, рече Санду.

Грузија го обои главниот град со живи бои на единство и напредок. Знамињата на ЕУ се насекаде – под земја и на земја, на згради и во метро. ЕУ вчера практично донесе одлука да се прошири надвор од границите што ги имаше зацртано како крајни досега.