Украина како Западна Германија

Само како дел од НАТО Украина може да преживее трајно или привремено губење на контролата врз некој дел од нејзината територија


Можеби денес ништо во светот не е сигурно, но барем можеме да бидеме сигурни дека следен претседател на Руската Федерација, по изборите во средината на март, ќе биде актуелниот претседател Владимир Путин.

Сигурно е и дека Путин нема да влезе во никакви значајни преговори пред американските избори, иако може да нѐ изненади. Погрешно е да се сфаќа Москва премногу сериозно кога вреви за „крај на војната“, но погрешно е и целосно да се игнорира.

Путин веќе еднаш се изгоре, сметајќи дека Америка на Трамп ќе му биде природен партнер. Трамп е олицетворение на непредвидливоста, а Москва се згрозува од тоа. Рускиот претседател во интервју за државната телевизија минатата среда рече дека Џо Бајден е „поискусен [и] попредвидлив“. Веројатно тоа и го мисли.

Во уште еден значаен медиумски настап, овој пат со поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлсон, името на Трамп едвај се споменуваше. Наместо тоа, Полска беше обвинета за избувнувањето на Втората светска војна, НАТО беше обвинет за руската инвазија на Украина, додека поранешниот британски премиер Борис Џонсон беше лично одговорен за војната што не заврши во март 2022 година.

За своите скромни воени достигнувања, Русија плаќа многу висока цена во работна сила. Затоа има сѐ повеќе сигнали дека Москва би можела да одлучи да притисне за „завршување на војната“ во време кога и Европејците и Американците се подготвуваат за избори.

Путин ја искористи средбата со Карлсон како можност јасно да ја покаже својата желба за преговори. „Ќе ви кажам како ние гледаме на прашањето и што му пренесуваме на американското раководство“, му рече рускиот претседател на Карлсон. „Ако навистина сакате да ги прекинете борбите, мора да престанете да испорачувате оружје. Ќе биде готово за неколку недели. Тоа е тоа. И можеме да се договориме за некои услови пред да го направите тоа, престанете“.

За Москва, повоениот статус на Украина идеално би наликувал на иднината на палестинската држава како што е замислена од екстремната десница на Израел. Во најдобар случај тоа би било окупирана територија; во најлош случај, демилитаризирана држава, раселена и економски неодржлива.

Со други зборови, Путин го гледа крајот на војната како крај на прозападна Украина. Како што пред извесно време истакна советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаил Подољак: „Русија не се бори за земјата. Таа се бори за своето право да живее во минатото“.

Јасно е дека за Русите преговорите се само увертира или изговор за капитулацијата на Киев. Но, исто така е јасно дека ако Москва одлучи да го искористи реизборот на Путин за да започне дипломатска офанзива, и европските и американските политички лидери ризикуваат негативни реакции дома ако продолжат да инсистираат Украина и нејзините сојузници одбиваат разговори со Путин и да не прифатат други исход отколку ослободување на целата окупирана територија.

Денес, таквиот став е уште помалку убедлив од пред една година. Украинската армија е во несигурна позиција, а американската воена помош е во мирување. Додека западното јавно мислење сè уште е прилично поволно за Украина, има сѐ поголем број гласачи кои не се подготвени да ја платат цената за победата на Киев. Дозволувањето на про-путинските сили да ја преземат улогата на „партија што се залага за мир“ би било политичка катастрофа.

Неизбежно е дека во долга војна ќе се развијат целите на двете страни, така што лидерите би биле добро советувани да бидат флексибилни за тоа што претставува победа. Секако дека не треба да ја остават нејасна идејата за тоа што претставува пораз. Ако Украина биде принудена да се откаже од територија како дел од идното решение, тоа ќе биде трагедија и болен компромис. Но, ако цената на завршувањето на војната ја претвори Украина во ничија земја, тоа ќе биде пораз за Европа и закана за нејзината безбедност.

На крајот, Украинците ќе одлучат кога и како да преговараат. Но, бидејќи Москва врши притисок за разговори, важно е западните лидери да бидат јасни за тоа што не може да се преговара кога станува збор за иднината и на Украина и на Европа. Она за што, според мене, не треба да се преговара не е толку целосниот територијален интегритет на Украина, колку нејзината демократска и прозападна ориентација.

Сега е време оние кои се залагаат за преговарачки крај на војната да почнат да се залагаат НАТО што поскоро да ја прифати Украина како единствен ефикасен одговор на желбата на Москва за територијални промени. Само како дел од НАТО Украина може да преживее трајно или привремено губење на контролата врз некој дел од нејзината територија.

Ако понудата на Путин е: „Ако навистина сакате да ги прекинете борбите, мора да престанете да испорачувате оружје“, контрапонудата на Западот треба да биде: „Ако навистина планирате да земете украинска земја, мора да прифатите дека Украина ќе биде членка на НАТО алијансата“ – како што беше Западна Германија за време на Студената војна. Време е да го понудиме западногерманското сценарио.

(Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија и постојан соработник на Институтот за човечки науки во Виена. Текстот е објавен во „Фајненшел тајмс“.)