Удрете го еднаш судскиот чекан


ФРОСИНА ФАКОВА- СЕРАФИНОВИЌ

Цела Македонија тагуваше за смртта на малечката Тамара, која почина чекајќи да ѝ биде одобрена операција на ‘рбетот во странство. Овој случај, без оглед  чија е вината, покажа дека здравствениот систем не функционира и дека партијата е над институциите. Истиот случај по неколку години покажа дека и институциите во системот не функционираат, но сега не здравствените туку правосудните.Обвинителката што го водеше овој случај, Наташа Гаџовска, одлучи да се повлече од приватни причини. Од обвинителството објаснуваат дека настанале нови околности што можат да ја загрозат постапката и да го доведат во ризик целиот процес. Експресно беше назначен нов обвинител и  овој случај сега ќе го води Анел Фидовски. За волја на вистината, со назначувањето на новиот обвинител судскиот процес, кој требаше да докаже кој е виновен за смртта на девојчето, нема да почне од почеток. Сепак  исплива на површина фактот дека процесот се води година и половина и дека уште нема епилог. Првото рочиште беше закажано во јуни минатата година, досега закажани се 19 рочишта, од кои осум беа одложени, а дополнително процесот се одолговлечи поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта. Во случајот се обвинети лекарите од комисиите кои, според обвинението, одбиле малата Тамара да се лекува во странство поради изјавата на тогашниот министер дека ваквите случаи ќе се лекуваат во Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сè уште не постоеле услови во Македонија за извршување вакви операции. По нејзината смрт, се организираа протести и се бараше одговорност од министерот Тодоров. Но за него немаше обвинение, па дедото на Тамара ја зеде правдата во свои раце и пукаше кон министерот. Дедото ја издржува казната затвор, а Никола Тодоров е слободен човек, се дистанцираше од партијата и мирно се повлече од политиката, a спиналниот центар, што го најавуваше за Тамара, никогаш не профункционира.

За мајката на Тамара ова е второто погребување на нејзиното дете, а за македонското општество овој случај докажа дека за јавноста важи „секое чудо за три дена“. За Тамара сега нема место во ударните вести, тие се преполни со најави за избори, а македонскиот граѓанин веќе го фаќа депресија и апатија од фактот дека нема да има правда ниту за Тамара ниту за кој било друг обичен граѓанин. Пречекорувањето на рокот, односно незакажувањето на рочишта 90 дена, и нивното почнување од почеток, стана нова тактика на судот да ги одложува рочиштата, а освен тоа судиите и обвинителите веќе почнаа да тактизираат и околу новите закажани избори и евентуалната промена на власта. Обвинителите почнаа да се повлекуваат, а судиите почнаа да конкурираат за повисоки судиски позиции, односно да се тргаат од Кривичниот суд, онаму каде што сега се на најголем тапет на јавноста и каде треба да носат пресуди за оние што, можеби, ќе се вратат на власт. Иако судските процеси на СЈО со години се развлекуваа, на премиерот Зоран Заев сега му текна дека судиите не се експедитивни и ефикасни и не носат одлуки за неговата крвава глава и за „бомбите“ што го донесоа на власт. И кога најавуваше реизбор, сите судии молчеа, а најверојатно и сега ќе молчат. Затоа што тие се истите судии од тефтерчето на Јанкулоска, но сега некој друг го држи фамозното тефтерче, а судиите се само прераспоредени. И сите за кои тогашната опозиција, а сегашна власт, тврдеше дека работат под диктат на ВМРО-ДПМНЕ живеат удобно бидејќи никако не се собраа докази против нив. И затоа сите ќе молчат и ќе проценуваат на која страна треба да застанат, кога треба против некого да кажат нешто, затоа што кај нас само така се преживува и се останува на лицемерниот врв. Сега, кога партиите се подготвуваат за избори, обичниот човек сфаќа дека избор нема. Режимот го испрати, а од новата власт, која му влеваше барем малку надеж дека ќе се вратат украдените пари кај граѓаните, дека ќе одговара секој што го прекршил законот и дека нема веќе да има Тамари, доаѓа до заклучок дека нам не нè спасува ниту една партија. Ветингот на судиите што го најавува Заев може нема да се оствари, но во право е кога вели дека тој не може да им ја заврши работата во институциите. Чеканот на судиите веќе го нема на судските маси, но треба да соберат храброст, да чукнат на маса и тие, а не партиите да ги донесат вистинските реформи. За нас, за граѓаните, бидејќи тие се посебна, судска власт, која треба да биде страв и трепет за кој било политичар.