Туристичките велесили немаат ниту 10 отсто од прометот вообичаен за овој период од годината


Медитеранот го посетуваат речиси половина милијарда меѓународни патници со што е најпосетуван дел на светот, но корона кризата годинава сериозно го погоди туризмот

Според податоците на странски консултантски компании и аналитичари, во моментов медитеранските земји кои се светски лидери за туризам немаат ниту 10 отсто од вообичаениот туристички промет вообичаен за овој период од годината. Италија, Франција, Шпанија, Грција, Турција, Малта, Кипар, Египет… ги бројат првите странски гости по отворањето на границите, а повеќето од нив сè уште не пуштиле во употреба ниту третина од хотелските и сместувачките капацитети за оваа сезона, пишува „Слободна Далмација“.

Покрај тоа, туристичките суперсили сè уште размислуваат како да го организираат прометот во својата земја без опасност од нови инфекции со коронавирус, така што годинашниов почеток на летото во Средоземното Море е обележан со полупразни плажи, хотели и станови, пренесува „Блиц“.

Ситуацијата е повеќе или помалку слична кај сите земји. Во изминатите години се случуваше некои земји да се соочат со безбедносен, терористички или политички проблем што се одразуваше и врз нивниот туристички промет. Но, годинава е подеднакво лоша за сите земји. На крајот на јуни, и покрај неодамна отворените граници за членките на ЕУ, повеќето од земјите сепак им препорачуваат на своите граѓани да не патуваат доколку не мораат. Предничи Германија, како земја која секоја година испраќа околу 47 милиони свои граѓани во светот, а кои годинава ги повикува да останат на одмор во рамките на границите на нивната земја.

Според првите истражувања и анализи за желбите на Германците, засега, за жал на целиот туристички Медитеран успеваат во тоа, барем што се однесува до авионските патници.

Потпирање на домашните гости

Најновото истражување нарачано од „Шпигел“ покажува дека 60 отсто од Германците се плашат од зараза со коронавирусот во авион, а само 13,4 проценти од Германците планираат да летаат во наредните три месеци. А, авионот е токму превозното средство со кое патуваат во Шпанија и во Турција, каде претходните години летувале десетици милиони Германци.

На крајот на јуни годинава, само првиот од 47-те планирани пилот-летови на ТУИ преку таканаречените безбедни коридори ги донесе гостите од Германија до Балеарските острови во Шпанија, како дел од тест престојот во кој ќе учествуваат вкупно околу 11.000 Германци. Станува збор за проба затоа што Шпанците сакаа да ја тестираат својата подготвеност и организација за пост-корона туризамот, во кој Канарските острови очекуваат 9.300 Германци, од кои секој ќе мора да направи тест за коронавирусот. За споредба, Шпанија минатата година имаше 84 милиони туристи, а оваа година од 22 јуни им овозможува само на граѓаните на ЕУ да влезат во Шпанија, додека границата со Португалија ќе остане затворена до јули.

Не е подобра ниту сликата во грчките летни одморалишта, иако Грците официјално отворија дел од хотелите и угостителските објекти.

За да го поттикнат туризмот, Грција привремено го намали ДДВ-то за сите видови превоз (летови, автобуси, воз) од 24 проценти на 13 проценти. Но, и покрај тоа, грчките острови и бреговите сè уште се празни и ги чекаат првите сериозни групи гости, пред се од околните држави на кои им се достапни како авто-дестинација.

Франција, како европски лидер во туризмот со 90 милиони меѓународни посетители годишно, дури неодамна, претпазливо и со ограничувања, ги отвори своите граници. По цели три месеци, за прв пат, сопствениците на вилите на Азурниот брег, кои немале право да влезат во Франција од странство, ќе можат да ги посетат нивните куќи за одмор, а сега влезот е либерализиран само за некои земји, па во Франција годинаава се надеваат исклучиво на домашните гости. За таа цел францускиот министер за туризам, Жан-Баптист Лемој, започна кампања наречена „Ова лето ја посетувам Франција“, за да ги убеди Французите да не патуваат во странство.

Проблемите со кои се соочи Италија во пандемијата ќе се чувствуваат во сите сегменти на животот и во туризмот уште долго време. Затоа Италијанците ја насочуваат целата своја енергија, поддршка и маркетинг кон домашните гости, од кои околу 40 милиони луѓе одмараат во Италија секоја година, така што годинава тие ќе бидат најбројни на Апенинскиот Полуостров.

Секој на својот брег

Проблемот е, сепак, во тоа што повеќето Италијанци мораа да го користат одморот за време на пандемијата, така што ќе работат цело лето. Засега е познато дека во најголемите индустрии на северот на Италија нема да има традиционално прекинување на работата за Ферагосто.

Турското здружение на хотелиери известува дека ќе отвори максимум 50 отсто од хотелите, барајќи притоа од секој социјална оддалеченост, задолжително носење маски и мерење на температурата за гостите на влезот, проветрување на собите 12 часа помеѓу две смени, додека бројот на можни гости е приближно на половина од вообичаените капацитети.

Резервациите, велат тие, постепено растат, особено затоа што претходно направените за предсезоната беа презакажани за крајот на јули, август, септември или за следната година. Најголем проблем е што Германците, како нивни најбројни гости, сепак имаат строги мерки за изолација при враќање од Турција во Германија, така што тие сè уште го чекаат исходот од таа ситуација, надевајќи се на гости од Азија.

Египет, исто така, ќе ги отвори своите хотели и базени од 1 јули, а со цел да ги охрабри гостите да доаѓааат до крајот на ноември патниците не треба да вадат визи, а ќе ги намалат и таксите за авиокомпаниите.

Сè на сè, се чини дека на Медитеранот ова лето сите ќе пливаат и ќе се сончаат на своите плажи.