Бројот на Австријци кои живеат во сиромаштија зголемен е за повеќе од 50 проценти


Бројот на Австријците во апсолутна сиромаштија е зголемен за повеќе од 50 отсто, од 201.000 во 2022 година на 336.000 минатата година, објави денеска австрискиот Заводот за статистика.

Во однос на бројот на жители, ова претставува зголемување од 2,3 приценти во 2022 година на 3,7 отсто во 2023 година, што е најголем процент во изминатите пет години.

Според бројките презентирани од Заводот за статистика, погодените луѓе не можеле да си дозволат многу секојдневни работи како наем, греење или храна.

Децата и младите се релативно почесто погодени од сиромаштија отколку возрасните. Околу 5,3 отсто од луѓето на возраст под 18 години (88.000 луѓе) биле значително финансиски и социјално загрозени. Додека 1,9 процент од лицата над 65 години (30.000 луѓе) се погодени од сиромаштијата. Исто така, 41 отсто од самохраните родители и 31 отсто од семејствата со најмалку три деца се изложени на ризик од сиромаштија.

Според податоците, процентот на жители во ризик од сиромаштија би бил дури 42 отсто без државните социјални бенефиции.

– Зголемувањето на цените на храната, киријата и енергијата ја влоши состојбата на луѓето кои живеат во сиромаштија, изјави австрискиот министер за социјални работи Јоханес Рауч, додавајќи дека тоа е срамно за земја како Австрија.

Според него растот на детската сиромаштија во Австрија е загрижувачки.

За мене е целосно неприфатливо тоа што децата треба да растат во сиромаштија, нагласи Рауч.