Комерцијална банка со извонредни резултати во првиот квартал – рекордни приходи и добивка

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 32,8 отсто поголема во однос на истиот период минатата година


Фото: Б. Грданоски

 

Во периодот од 01.01-31.03.2024 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.179,1 милион денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.039,7 милиони денари што претставува зголемување за 13,4 отсто, соопшти банката во редовниот извештај доставен до Македонската берза.

Како што се посочува во извештајот за работењето, планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 111,4 отсто. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 32,8 отсто поголема во однос на истиот период минатата година.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење (нето приходи од камата и нето приходи од провизии), а во помал дел и поради зголемените останати приходи.

„Банката ги оствари овие резултати благодарение на зголемените пласмани во нискоризични хартии од вредност и зголеменото кредитирање, како и сеуште високото учество на пласманите во парични средства и парични еквиваленти, кои придонесоа за остварување повисоки каматни приходи, во услови на повисоки каматни стапки споредено со истиот период минатата година, се вели во Коментарот на неконсолидирани и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на Комерцијална банка АД Скопје за периодот 01.01 – 31.03.2024 година.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.998,6 милиони денари и бележат зголемување од 26,5 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2024 година истите бележат зголемување од 26,8 % во однос на истиот период од минатата година. Приходите по основ на камата се зголемени за 34 %, и тоа кај сите категории на клиенти: кај секторот финансиски друштва поради зголемените каматни стапки на благајничките записи и на депозитите пласирани во НБРСМ , кај секторот држава како резултат на зголеменото вложување во државни хартии од вредност со зголемени каматни стапки, кај нефинансиските друштва поради зголемени пласмани, кај домаќинствата поради зголемени пласмани и кај нерезидентите поради зголемени пласмани во странски банки и зголемени каматни стапки.

Расходите по основ на камaта се зголемени за 130,3 % поради зголемените орочени депозити и зголемените пасивни каматни стапки споредено со истиот период минатата година.

Нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,3 % во првиот квартал од минатата година, на 3,94 % во истиот период од оваа година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2024 година изнесуваат 336,5 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 25,6 % во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности особено во делот на работењето со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 122,3%.

Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2024 година изнесуваат 96,6 милиони денари и се на речиси исто ниво како истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 118,5 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2024 година изнесуваат 86,5 милиони денари и бележат зголемување од 29,9 % во најголем дел како резултат на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања споредено со истиот период минатата година. Планот е остварен со 46,5 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2024 година изнесуваат 543,5 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 12,1 % во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи, а во помал обем и поради зголемените плати и други трошоци на вработените и зголемената амортизација.

Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 97,9 %.

Во периодот од 01.01-31.03.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1,4 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 274,6 милиони денари наспроти 54,6 милиони денари во истиот период минатата година, што се должи на одобрувањето нови кредитни изложености на правни лица, промената на ризичната категорија кај одредени клиенти, како и заради стапување во сила на новата Одлука за управување со кредитен ризик која пропишува нови построги услови за преминување на побарувањата во нефункционалност и за враќање во редовен статус.

Во однос на Билансот на состојба, во извештајот меѓу другото се вели дека вкупната актива на Банката на 31.03.2024 година достигна износ од 163.620,5 милиони денари и е на речиси исто ниво како декември 2023 година. Планот е остварен со 98,7%. Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 7,1 %, главно како резултат на доспевање на пласиран депозит преку ноќ во НБРСМ на крајот од 2023 година. Планот е остварен со 91,2 %.
Средствата за тргување се намалени за 32,0 % како резултат на нето ефектот од тргување со акции.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 9,0 % главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари. Планот е остварен со 107,5 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се на приближно исто ниво како декември 2023 година и имаат мало учество од 1,2 % во вкупната актива.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 142.028,5 милиони денари и бележат намалување од 0,7 % во однос на декември 2023 година. Планот е остварен со 98,1%.

Обврските по кредити изнесуваат 1.211,8 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2023 година за 38,3 %, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии.

Во извештајниот период повлечени се средства од кредитните линии: ЕИБ VII преку РБСМ (за трајни обртни средства и инвестиции на МСП, средно-пазарно капитализирани компании и зелена транзиција), ДИГ/ЕЕ/ОИЕ преку РБСМ (за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија) и кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2. Планот е остварен со 131,5 %.

Останатите обврски бележат значителен пораст по основ на евидентирани обврски за исплата на дивиденда на акционерите на Банката.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2024 година достигнаа износ од 17.115,6 милиони денари. Во нивната структура, останатите резерви бележат пораст по основ на прераспределба на дел од добивката за 2023 година во износ од 1.377,4 милиони денари, додека во задржаната добивка за инвестициски вложувања се распределени 130 милиони денари согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 27.03.2024 година. Планот е реализиран со 92,3 %.

Во однос на очекувањата за претстојниот период од Комерцијална банка посочуваат дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2024 година се условени од домашните политички случувања, како и од сеуште неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент и присутните ризици предизвикани од: продолжената војна во Украина и дополнително од новиот воен конфликт Хамас-Израел, послабиот раст на кинеската економија како втора по големина во светот, рецесијата во Германија како наш најголем трговски партнер, понатамошното затегнување на меѓународните финансиски услови и зголемениот финансиски стрес кај високо задолжените земји. Ваквиот амбиент создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција.

Високото ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план упатуваат на потребата од поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата за 2024 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С. Македонија, ММФ и Светската банка.

Согласно ноемвриските проекции од НБРСМ се очекува стапката на раст на БДП за 2024 година да достигне 3,0 %, додека според најновите прогнози објавени од Светска банка, се очекува македонската економија да забележи раст на БДП од 2,5 % во 2024 година.

Ваквите стапки на раст би се оствариле во 2024 година доколку се реализираат најавените инфраструктурни инвестиции, како и странските и домашни инвестиции, особено во обновливи извори на енергија и во извозниот сектор.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со регулатувата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл., се вели меѓу другото, во извештајот на банката. 

Исплатени дивиденди

Во извештајниот период Банката објави повик за учество на Годишно собрание на акционери. На 27.03.2024 година беше одржано Годишно собрание на акционери на Банката. Составен дел на материјалите за собранието беа и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2023 година и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2023 година. Согласно наведените одлуки, износот кој Банката ќе го издвои за дивиденда за обични акции е 2.073.950.970 денари. Датумот на евиденција според кој ќе се определи листата на акционери кои имаат право на дивиденда е 11.04.2024 година. Согласно Одлуката, износот на бруто-дивидендата по една акција е 910 денари, односно 91 % од номиналната вредност на акцијата. Предвиден датум за започнување со исплата на дивидендата е 25.04.2024 година.