Тухел официјално нов тренер на Баерн
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2023/03/bayern-logo.png)
Германскиот фудбалски првак Баерн од Минхен официјално објави вечерва дека ја раскинал соработката со својот досегашен тренер Јулијан Нагелсман, назначувајќи го на негово место Томас Тухел.
Нагелсман дојде во Баерн во лето 2021 година и веќе беше под силен притисок на крајот од минатата сезона по елиминацијата во четвртфиналето во Лигата на шампиони од Виљареал, но го спаси освојувањето на германската титула.
„Кога го ангажиравме Нагелсман бевме уверени дека со него ќе соработуваме на долги патеки, бидејќи ја дели нашата визија за играње успешен и атрактивен фудбал. Меѓутоа, сега дојдовме до заклучок дека квалитетот на нашата екипа сè поретко доаѓа до израз. Особено лошо и неуспешно почнавме да играме по завршувањето на Светското првенство и тоа фрли сенка сомнеж на исполнување на нашите цели. Затоа делуваме сега“, изјави извршниот директор на Баерн, Оливер Кан.
Morgen ab 12 Uhr im Ticker & im Livestream: Der Pressetalk mit Thomas Tuchel, Oliver Kahn & Hasan Salihamidžić. 🎥🔴
— FC Bayern München (@FCBayern) March 24, 2023
Тухел ќе дебитира на клупата на Баерн следниот викенд во можеби клучниот дуел во битката за титулата против Борусија Дортмунд, која води на табелата со бод предност пред баварскиот клуб.
Тухел е без тренерски ангажман од септември лани кога доби отказ во Челзи, иако претходната сезона со лондонскиот клуб ја освои Лигата на шампиони.