„Трусарди“ ме асоцира на нешто чисто, убаво, отмено: Дадар за новиот ангажман како заштитно лице

Талентот е мал процент, дисциплина, дисциплина и уште дисциплина, вели во разговор за „Независен“, познатиот мејк ап артист


Со својата работа, професионалност и изглед, Александар Билјановски -Дадар, над 25 години креира влијание, имиџ и модна приказна на македонската поп и гала сцена. Затоа, не е изненадување што омилениот мејк ап артист на славните и на анонимните во Македонија,  е избран за заштитно лице на италијанскиот бренд „Трусарди“ кој има нова шопинг дестинација во главниот град – во Рамстор мол, на приземје.

Првата официјална продавница нуди внимателно селектирана колекција на машка облека и аксесоари, како и женска колекција на кожни аксесоари, препознатливи по современ дизајн, врвен квалитет и италијанска елеганција.

Што стои зад овој моден ангажман, Дадар откри за „Независен“. 

Како дојде до соработката со Trussardi ?

Соработката со Trussardi  е еден вод продолжение на претходна соработка со сопствениците во Македонија кои се застапници за повеќе светски брендови.

Што мислите дека брендот препозна кај вас за да ве избере за заштитно лице, со оглед на тоа дека сте мејк ап артист?

-Претпоставувам успешната соработка од претходно , имиџот кој го градам и негувам и секако севкупната моја приказна како стилист со долгогодишно искуство во модната индустрија. 

Што за вас претставува Trussardi  како бренд?

-Брендот Trussardi го знам уште од моите тинејџерски денови и иако не можев да си го дозволам ниту па беше достапен за нас , потајно секогаш посакував да поседувам некое парче. Trussardi  ме асоцира на нешто чисто, убаво, отмено. Од друга страна, со својот најнов концепт „Gentle Society“, Trussardi претставува стил на живот инспириран од баланс, автентичност и внимание кон деталите, што ми е многу важно.

Дали чувствувате поголема одговорност отако станавте лице на еден меѓународен бренд?

-Секако дека чувствувам одговорност и се трудам секогаш да дадам добар пример посебно на помладите во однос на имиџ,однесување и секако елеганција која е мојот заштитен знак .

Дали учествувавте во креативниот процес на кампањата?

-Секако, тоа е тимска работа во која уживам.

Дали е ова почеток на поголеми меѓународни ангажмани ?

-Да оставиме времето да покаже.

Дали мислите дека домашните јавни фаци добиваат доволно можности за вакви меѓународни соработки?

-За жал, недоволно.

Како би го опишале својот моден стил во три збора?

-Лесна елеганција со личен печат. Стилот е продолжување на карактерот и воспитувањето. 

Дали има некое модно правило што секогаш го следите или намерно го кршите?

-Повеќе гледам модата да ја прилагодам на мојот личен вкус и стил, а не јас да се прилагодувам бидејќи така ќе се изгуби личниот печат.

Колку е тешко да се одржи препознатлив јавен имиџ денес?

-Јас тоа секогаш сум го правел со леснотија но разбирам дека некои луѓе се борат на таа тема и имаат потешкотии.

Што е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за Дадар?

-Дека сакам само црна боја и дека не се достапни моите услуги во салонот или дела е прескапо.

Дали успехот доаѓа од талент или од дисциплина?

-Талентот е мал процент, дисциплина, дисциплина и уште дисциплина.

Дали сте задоволен од работата со вашата Академија за мејк-артисти?

Презадовоен сум од двете генерации кои завршија, бројката навистина беше неочекувано голема и се надевам фека од септември ке продолжиме исто темпо. Нема ништо поубаво од тоа да го пренесете вашето знаење на луѓе кои имаат ист жар за оваа професија .

Фото: Лична архива