Тринаесет тешко повредени на третиот ден од трката со бикови во Памплона
Тринаесет лица беа сериозно повредени денес, на третиот ден од трката со бикови на фестивалот Сан Фермин во шпанскиот град Памплона, соопштија организаторите.
Дваесет и деветгодишен Американец беше прободен во левото рамо со рог, додека другите се здобија со модринки, посекотини и скршеници на коските додека трчаа низ тесните улици на градот во северна Шпанија. Еден маж (23) доживеа потрес на мозокот.
Сите повредени се мажи на возраст меѓу 18 и 68 години, соопштија организаторите. Повеќето од нив се префрлени во болница на лекување.
Фестивалот трае до следниот вторник
Фестивалот Сан Фермин, кој се одржува во чест на светецот-заштитник на Памплона, започна во понеделник и продолжува до следниот вторник.
Секое утро, шест борбени бикови, од кои некои тежат повеќе од 600 килограми, се тераат низ тесните улици заедно со питоми волови пред попладневните борби.
Трката долга 825 метри привлекува десетици илјади гледачи секоја година. Од 1924 година, шеснаесет лица починале, главно по прободување. Последната жртва е регистрирана во 2009 година.
Здруженијата за заштита на животните редовно организираат протести против вековниот фестивал, кој датира од 1591 година, но станува сè поконтроверзен во Шпанија.