Трибина за литературните манифестации


 

Во Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе се одржи трибина за учеството на македонските писатели – членови на ДПМ на литературните манифестации што се одржуваат во нашава Република. 

Како што информираат од ДПМ, на трибината ќе бидат искажани мислењата, погледите, ставовите, сугестиите, предлозите, забелешките и барањата на македонските писатели, а ќе бидат поканети медиумите, претставниците од Министерството за култура и организаторите на литературните манифестации.

 

Трибината ќе ја води Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а одржувањето на трибината е иницирано од бројните реагирања на писателите до Друштвото на писателите, но и преку медиумите и социјалите мрежи.

Покрај воведното искажување на модераторот на трибината, ќе настапат и писателите Трајче Кацаров, Славчо Ковилоски и Марина Мијаковска, а ќе бидат прочитани и писмените обраќања на Борче Панов и Ивица Челиковиќ.

Друштвото на писателите на Македонија, како институција што постои веќе 75-години и ги претставува македонските писатели, планира во наредниот период да склучи Спогодби за соработка со литературните манифестации од Републикава, во кои попрецизно ќе бидат наведени обврските на писателите, но и на организаторите на манифестациите.