Вториот ден од „Војдан Чернодрински“ во знакот на театарските дебати и две претстави во официјалната конкуренција
Јубилејниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој синоќа свечено беше отворен во Прилеп, денеска продолжи со богата програма и бројни фестивалски содржини.
Големо внимание предизвикаа првите разговори за претставите од официјалната конкуренција. Претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар, која го отвори фестивалот, беше оценета како дело што не бара да биде раскажано, туку толкувано.

-Таа не функционира како класична драмска фабула, туку како сценска алегорија за цивилизација која постепено го губи чувството за вистина, идентитет и морална ориентација, рече театарскиот критичар Звонко Димоски, модератор на разговорите на тркалезната маса за синоќешната претстава на Драмски театар, „Мачкина глава по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски.
Димоски смета дека претставата може да се дефинира како постмодерна рефлексија на драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски, со силна инспирација од современите глобални состојби, отворајќи го прашањето дали таа е навистина „храбар нов театар“.
-Во тој контекст, „Мачкина глава“ ја читам како обид да се проговори за човекот што останал без сигурни координати: без јасна идеологија, без стабилна традиција, без доверба во иднината. Тоа е драма за времето во кое сите зборуваат, а сè помалку се разбираат, посочи Димоски.

Актерот Александар Степанулески вели дека најхраброто во претставата е отвореното соочување со тоа какви сме ние денес.
-Забележливо е колку сите ликови во претставата се слични на семејствата денес. Работите, навидум изгледаат банални, но се присутни. Инаку, во Драмски театар имаме концепт да поставуваме текстови на младите домашни драмски автори, рече Степанулески.
Според директорката на Фестивалот Ана Стојаноска која посака плодни разговори за одиграните претстави во официјалната конкуренција, добро е кога од сите аспекти ќе се „расчленува“ одиграната претстава, посебно за актерскиот предизвик.
-Убаво е да се чуе на „разговорите“ за актерскиот предизвик, како актерите го оформувале ликот, со што се соочувале, рече Стојаноска.

Во рамки на денешната програма, на платото кај Саат-кулата се одржа традиционалната „Детска зона“, а во киното „Мис Стон“ се одржа настанот „Драмолетање“, посветен на состојбите во театарската уметност.
Од 18 часот во кафе-баровите „Тротоар“ и „Лувр“ е отворањето на изложбата „Прилеп во фокус“ посветени на Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благој Ивчески.
Вечерва на програмата се две претстави од официјалната конкуренција. Од 19 часот, на сцената „105“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“, прилепскиот театар ќе ја изведе претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Од 21 часот, Народниот театар од Куманово ќе настапи со „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески.