Три „Д“: Ова се трите главни генератори на инфлацијата

Потенцијалот за поскапување на енергенсите оваа година е помал од лани, но остануваат трите главни фактори кои ќе влијаат на структурната инфлација: декарбонизација, деглобализација и демографија


Инфлацијата се одржува на високо ниво и во еврозоната и во САД. Преку Атлантикот цените се зголемија за седум отсто во декември, што е најголем пораст во последните 40 години. Колку е опасно ова поскапување?
Според многу економисти, инфлацијата деновиве го достигна својот врв и отсега може да се очекува пад. Сепак, базичната стапка на инфлација ќе остане повисока од очекуваното. Американската централна банка (ФЕД) пред неколку дена објави дека ќе ги зголеми каматните стапки и ќе ја заостри својата монетарна политика, значително побрзо отколку што беше најавено на крајот на минатата година.

Европската централна банка (ЕЦБ) најави мерки како стопирање на откупот на обврзници, поточно пандемиската програма за купување државни обврзници ќе биде укината во март, но ЕЦБ ја продолжува преку друга програма во износ од 20 милијарди евра. Зголемување на каматите засега не е планирано кога ќе истече програмата за купување обврзници.

Во меѓувреме, сепак, во раководството на ЕЦБ има различни мислења за тоа колку е висока инфлацијата, пишува Дојче веле, пренесува Сеебиз.

Овде секогаш укажуваа дека сегашната инфлација е „привремен феномен“ предизвикан од некои вонредни настани како што е истекот на мерката за намалување на данокот на додадена вредност во Германија на почетокот на 2021 година. А тука е и неконтролираното поскапување на енергенсите. Во 2020 година, поради рецесијата, цените сè уште паѓаа.

Пред неколку дена, членката на претседателството на ЕЦБ, Изабел Шнабел, укажа на ризикот од подолго структурно траење на инфлацијата поради цените од борбата против климатските промени и поскапувањето на енергенсите. Но, во исто време, нејзиниот колега од врвот на ЕЦБ, Филип Лејн, смета дека потенцијалот за поскапување на енергенсите оваа година е помал од лани.

Но, остануваат трите главни фактори кои ќе влијаат на структурната инфлација: декарбонизација, деглобализација и демографија.

„Овие фактори ќе продолжат да ја поттикнуваат инфлацијата нагоре“, рече Карстен Брзески од германската ИНГ банка. Порастот на цените е примарно под влијание на преминот од старите извори на енергија како јаглен, нафта и гас кон зелени, обновливи извори.

Компаниите научија нешто од пандемската криза и се обидуваат да го доближат производството што е можно поблиску до нивните пазари, надевајќи се дека ќе избегнат проблеми со синџирот на снабдување. Сè поакутниот недостиг на работна сила поврзан со стареењето на општеството ги зголемува цените.

„Овој фактор може да има долгорочно влијание врз развојот на цените“, рече Брзески. Тој, исто така, укажа на фактот дека инфлацијата беше премногу ниска во последните години како резултат на глобализацијата, поделбата на трудот и дигитализацијата. ЕЦБ не ги зеде овие ефекти во предвид.

Главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер, смета дека е добро да се започне дебата за инфлацијата. Според неговото мислење, ЕЦБ не е свесна за ризикот од дополнително зголемување на инфлацијата. Поради растот на цените ќе пораснат и платите, а стопанството ќе мора да го префрли ова зголемување на производните цени назад на крајните потрошувачи.

„Излегувањето од периодот на релаксирана монетарна политика ќе продолжи да биде болно бавно“, вели овој економист од Комерцбанк.

Но, ниту Кремер, ниту Брзески годинава не сметаат на зголемување на каматите, туку само на почетокот на следната година.

Сепак, повисоките каматни стапки, според Институтот за макроекономија и економски истражувања (ИМК), ќе го забават закрепнувањето по кризата со корона. Според тоа, негативните несакани ефекти би биле поголеми од ефектот на ублажување на инфлацијата, заклучува ИМК.