Трамп спроведувал тајни операции за преземање на Гренланд, нивниот преставник повикан на разговор

Шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмунсен, му нареди на највисокиот дипломат во амбасадата на САД во Копенхаген да се појави на разговор поради извештаите дека американски граѓани спровеле операции за мешање во внатрешните работи на Гренланд, објави денеска данската јавна телевизија ДР, цитирајќи го министерот.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека сака САД да го преземат богатиот со минерали и стратешки лоциран арктички остров од причини поврзани со националната и меѓународната безбедност и не ја исклучи употребата на сила за реализација на оваа нивна цел. Данската влада верува дека најмалку тројца американски граѓани поврзани со администрацијата на Трамп биле вклучени во тајни операции за ширење на влијанието на данска територија, објави ДР, цитирајќи неименувани извори. Телевизијата не ги идентификуваше лицата.
-Секој обид за мешање во внатрешните работи на кралството Данска секако ќе биде неприфатлив, изјави министерот Расмусен за ДР.
„Во таа смисла, побарав од Министерството за надворешни работи да го покани американскиот вршител на должноста амбасадор (дипломат) на разговор“, рече министерот.
Мисијата на САД во Копенхаген моментално ја води вршителот на должноста амбасадор Марк Строх.