Трамп: „Благодарам господине Радев“
Американскиот претседател му се заблагодарува на бугарскиот премиер за стационирање на амеикански авиони во бугарска база
Американскиот претседател Доналд Трамп му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за одлуката на Бугарија да распореди американски авиони во бугарска база и покрај нотата и заканите од Иран. Трамп ја изрази својата благодарност во кратка објава на неговата социјална мрежа Truth Social.
„Ви благодарам, господине премиере Радев!“, се вели во објавата.
„Бугарија го поддржува Трамп и одобрува поддршка за американска воздухопловна база и покрај тензиите со Иран“, се додава во објавата, придружена со фотографија од Румен Радев.
Објавата, исто така, вклучува линк до статија во медиумот „Њузмакс“, во која се наведува дека Бугарија дала зелено светло за распоредување американски авиони во базата „Безмер“ за поддршка на американските операции против Иран, и покрај заканите од Техеран дека таков чекор би ја направил Бугарија соучесник во американските воени акции.
Во средата, Народното собрание одобри присуство на територијата на Бугарија на до осум воени авиони, тип „KC-135“, со нивните екипажи, до 250 војници со лично оружје и муниција и аеродромска опрема од вооружените сили на САД, кои ќе обезбедат поддршка на американските операции на Блискиот Исток. Тие ќе бидат стационирани во воздухопловната база „Безмер“ во периодот од 24 јули до 1 октомври 2026 година. Предлогот го поднесе Советот на министри, потсетува БТА.
„Она што го правиме во моментов е да ги исполниме нашите сојузнички обврски“, изјави премиерот Румен Радев пред пратениците при презентирањето на нацрт-одлуката за присуство на аеродромот „Безмер“ на американската авијација и војници во поддршка на операциите на Блискиот Исток.
„САД се наш главен сојузник во областа на безбедноста“, додаде Радев.
Пред гласањето во парламентот, тој рече дека одлуката за авионите ќе ја остави на евроатлантската свест на пратениците. Тој рече дека системот за воздушна одбрана на сојузниците работи исклучително сигурно.