Том Хоман им порача на демократите „да му се тргнат од патот“ за плановите за масовна депортација на мигранти


Том Хоман, новоименуваниот шеф за граници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, им рекол на демократските претставници кои би можеле да се спротивстават на плановите за масовна депортација „да му се тргнат од патот“, пренесува Би-Би-Си.

Трамп вчера најави дека на непопустливиот поранешен директор на Агенцијата за граници и имиграција, Том Хоман, му го доверува секторот за надзор и безбедност на границите на земјата во новата администрација.

Новиот жител на Белата куќа вети дека на првиот ден од неговиот претседателски мандат ќе ја започне најголемата операција во историјата на САД за депортирање имигранти без документи.

„Некои демократски гувернери велат дека ќе ни застанат на патот и ќе ни го отежнат извршувањето на нашата работа, но ние ќе го направиме тоа“, порача денеска Хоман на телевизискиот канал Фокс њуз.

Неговата директна порака беше одговор на извештаите дека демократските лидери во некои градови и држави се подготвуваат да се спротивстават на плановите на Трамп за депортирање илегални имигранти.

Хоман рече дека ова му е втор пат да излегува од пензија за да работи во администрацијата на Трамп и дека е благодарен за укажаната доверба.

„Со нетрпение го очекувам тоа“, рече Хоман, нарекувајќи ја неговата улога итна за да „помогне во решавањето на кризата со националната безбедност“.