Тешко на ЕУ со вакви земји-членки

Румен Радев во Брдо настапи како претставник на Коминтерната од 1948 година, редејќи куп услови што мора да ги исполни Македонија за Бугарија да ја тргне блокадата во ЕУ


Како Бојко Борисов, па и Красимир Каракачанов, звучеше вчера претседателот Румен Радев, кој го искористи самитот во Брдо за да си го поправа рејтингот во Бугарија пред трката за нов претседателски мандат. Несвојствено за еден шеф на држава, и тоа од Европската унија, половина час редеше услови што треба да ги исполни Македонија како да е преставник на Коминтерната во 1948 година. Испадна дека нема политичар во Бугарија што не се претвора во анти-македонист кога ќе се соочи со нови избори во земјата.

По изјавата на Радев вчера во Брдо, станува јасно зошто со месеци не може да се состави влада во земјата, зошто политичката ситуација не гарантира дека и наскоро ќе се случи тоа и зошто Борисов најавува кам бек на политичката сцена, од која претходно го избркаа. Бугарија се врти во круг, политички го допира дното, а давејќи се во сопствената неспособност и безидејност, нејзините политичари сакаат да ја повлечат со себе и Македонија, макар се скарале и со цела ЕУ.

Гледајќи го Радев вчера како зборува за историска вистина, термин одамна излезен од употреба во демократските држави, првото чувство е жал кон бугарските граѓани што имаат ваква елита која не ги заслужува, па и жал за ЕУ – чиј имиџ на сојуз на демократски функционални држави е сериозно нарушен по ваквиот настап на земја членка. И тоа без да се споменуваат состојбите во Унгарија, аферите околу премиерот на Чешка, упадот на полицијата во канцеларијата на премиерот на Австрија, водените топови на Јанез Јанша и слични антидемократски, коруптивни и националистички политики кои се практикуваат со печат – „земја членка“ на Унијата.

„Се движиме по работ на кредибилитетот на ЕУ“, е оценката на министерот Бујар Османи за немоќта на 26 земји членки да убедат една – дека копањето по минатото и барање историска вистина или историска правда е – историја за Европа. Тешко, без сомнение, му звучат на Брисел и оценките на албанскиот премиер Еди Рама, а особено последната дека од Брисел „веќе ништо не очекува“, или пак пишувањето на швајцарски медиум околу бугарското вето, со оценка дека ЕУ продолжува да го прави тоа што најдобро го знае – да лаже за некаква иднина на Западен Балкан во Унијата. Ако не целосно, за ваквата перцепција голем удел има токму Софија, која почна своите небулозни барања да ги пакува како европски вредности.

Изјавата на Радев во Брдо имаше прозирна цел – да се испровоцира реакција во Македонија која би го нарушила текот на преговорите бидејќи, колку и да се силат бугарските политичари околу условите, знаат дека на крајот ќе мора да се потпишат на нешто што е многу помалку од тоа со го бараат и заради кое ги скараа Македонците и Бугарите. „Историска вистина“, иако Радев се повика на искуството на Грција, е дека тоа што го доби Атина од Преспанскиот договор е многу помалку од тоа за што притискаше две децении и повеќе, а не го доби најглавното, бидејќи остана терминот Македонија, остана придавката македонски…

И што е најапсурдно, објаснувајќи колку била неиздржана и несфатена позицијата на Бојко Борисов околу спорот, Радев ја престави својата, божем европски спакувана позиција, која пак не проба да ја спроведе ни Красимир Каракачанов, кому бугарскиот народ му даде црвен картон токму за продавањето на бугарските пасоши. Така, несфатливо за еден претседател на 21 век, Радев побара од нашиот државен врв да излезе и да ги повика македонските граѓани што аплицирале за бугарски пасош да се декларираат како Бугари на пописот, или уште пострашно, бидејќи пописот заврши, да ги вметне како бројка во статистичките податоци, иако тие 120.000 граѓани на кои се повикува веќе се изјасниле на некаков начин пред попишувачите.

Далеку од умот е дека некој може да интервенира во резултатите од пописот што заврши бришејќи Македонци и додавајќи Бугари, нешто што можеби се прави во Софија која не може да се пофали со почитување на етничките права на своите граѓани, па и ги забранува со устав. Згора на тоа, Радев побара претседателот на државата и парламентот јавно да прогласат рамноправност на Бугарите во Македонија за да не се соочуваат со наводни притисоци, иако случај за непочитување на нивните граѓански права нема ниту во една меѓународна организација, а има против односот на Бугарија кон преставниците на нашето малцинство во земјата.

Ако не му е тоа параван за отстапката од тврдењето на Софија дека Бугарите кај нас не се малцинство туку матичен народ, односно дека сите ние сме Бугари, ваквите јавни повици државата да решава како да се декларираат поединци, за кои патем не постојат списоци со имиња во Македонија, е политичка анахроност што ни политички аматери во Европа веќе не ја практикуваат. Зад тешките зборови (како дебугаризации, асимилации) и зад вметнувањето нови и нови услови за постигнување договор, кои се менуваат на три месеци, Радев само покажа дека нема капацитет да се носи со функцијата како и тие пред него, бидејќи бара изговори а не решенија.

Што е уште посрамно, ваквата изјава ја даде среде избори во Македонија, неводејќи сметка ни за фер-плеј, бидејќи дури и да не сакаше, фрли оган во меѓупартиската пресметка и го испровоцира премиерот Зоран Заев да му порача дека – вака не зборуваат шефови на држава.