Темпираната бомба од Струга

ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Литијата во Струга им фрли прашина в очи на лекарите и медицинските сестри, кои херојски се борат на првата линија фронтот против корона вирусот. Тоа беше чин на екстремна неодговорност

 

Министерот за здравство, Венко Филипче, е совршено во право кога сношти, по објавувањето на скандалозните снимки од верската литија во Струга резигнирано и луто изјави дека тоа е „целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат да ја надминеме кризата“. Вакво поткопување на мерките на здравствените власти и вакво минирање на херојските напори на лекарите и медицинските сестри за спасување на животите на заболените од корона вирусот е незабележано во европски размери. Дали во свештенството во Дебарско-кичевската епархија и меѓу оние стотици граѓани што се тискаа додека одеа зад ковчежето со свети мошти можат да го разберат гневот на останатите граѓани на Македонија. Тука не станува збор за религија, однос кон верата, поклонение кон Христа – тука станува збор за здравјето на луѓето и можноста оние што беа на литијата како темпирана здравствена бомба вирусот да го рашират насекаде, а прво во Охрид или Дебар.

Многу често на религиските настани (без оглед дали се тоа христијански или муслимански) во оваа земја, која е секуларна според уставот и според сите други начела, им се прогледува низ прсти. Како државните органи да немаат моќ на верските заедници да им ги наметнат правилата за однесување кои важат за сите други граѓани и организации во земјава. Како тие да се надвор од системот. Всушност, како да функционираат во паралелен систем. Во деновите на Велигден ги гледавме фантастичните слики како папата Франциско држи миса во целосно празната катедрала „Св. Петар“ во Ватикан и празниот огромен плоштад пред неа. Гледавме како Црквата на Светиот гроб во Ерусалим (веројатно најсветото место во светот за христијаните) беше затворена за Велипеток, гледавме како Ќабата во Мека (најсветото место за муслиманите) е затворена за рамазанскиот аџилак. Но ја гледавме и онаа трансцедентална процесија за воскреснувањето во Бигорскиот манастир. А сега ја видовме и оваа литија во Струга, која, исто така, беше најавена на официјалната страница на Бигорскиот манастир.

Епидемијата не е завршена, ниту пак се повлечени мерките, иако се најавува нивно олеснување. Како многумина да не сфаќаат дека ние сега се движиме на работ – или ќе успееме да ја потиснеме епидемијата или пак ќе се вратиме кон платото кое го поминавме. Како што зборуваат сите светски епидемиолози (а и нашите) сега ситуацијата е многу критична – секое самозалажување и чувството (непоткрепено со докази) дека најлошото поминало, може да доведе до нови човечки жртви и драматично зголемување на бројот на инфицираните.

Владините структури ја пропуштија можноста многу поостро да реагираат на велигденските настани околу црквите (особено на она што се случуваше во Бигорски), па сега настаните во Струга се вратија десеткратно посилни. Сосема разбирливо, гневот на јавноста се насочи кон полициските структури и кон министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кои секој ден објавуваат билтени за тоа колку луѓе го прекршиле полицискиот час, а за ова што сите го видеа на снимките од Струга допрва ќе се истражувало кој ги прекршил одредбите. Клучната грешка е направена e што полициските структури не разговарале со свештениците во Струга и во епархијата како да се изменаџира целиот настан, како тој да се сведе на минимално присуство или воопшто да не се одржи оваа година. Таа грешка ја направиле и општинските власти, а доколку видиме наредниве денови дека литијата, всушност, се претворила во ново опасно жариште, доцна ќе биде за преземање на одговорноста.

Свештенството од храмот „Св. Георгиј“ (кој а организираше литијата) во соопштението објаснуваше дека оваа „културна манифестација во Струга“ била организирана со цел „да не згасне“. Кусогледост е ова или намерно извртување на фактите. Па Црквата на Светиот гроб во Ерусалим годинава беше затворена на Велигден за прв пат од 1349 година за време на страшната чума наречена Црна смрт. Па, и другите културни манифестации во Македонија беа откажани оваа година, како Мајските оперски вечери, на пример. Ниту црквата во Ерусалим ќе биде затворена, ниту другите културни манифестации овде ќе замрат. Но ќе остане фактот дека оние што беа во Струга им свртеа грб на сите оние лекари, сестри и другиот медицински персонал кој изгина на првата линија на фронтот за да ја добие битката со корона вирусот. Ова е и нечесно и нехумано, колку и да се бара религиско оправдување за процесијата.

Проблемите сега може да се мултиплицираат. Исламската верска заедница, како реакција на настанот во Струга, најави отворање на џамиите на 12 мај. Можеби ќе нема потреба да го чекаме вториот бран на Ковид-19 наесен, можеби тој ќе дојде уште сега заради неодговорноста на многумина.

Наќе Чулев минатата недела објаснуваше дека е невозможно полицијата да го контролира однесувањето на граѓаните и да ги опоменува (а и казнува) кога не се придржуваат кон одредбите за групирање. Вчерашниото одбележување на Денот на полицијата, кога на едно место беа собрани неколку стотици полицајци да изведуваат вежби, беше директно прекршување на одредбите на владата (во чие донесување учествуваше и тој), а литијата во Струга дојде како капак на неодговорноста. Сосема разбирливо дека тој сега ќе дојде под огромен удар за неизвршување на задачите што ги има Министерството за внатрешни работи. И дека тоа ќе биде искористено неговата работа да се оквалификува како непрофесионална, па дури и како злоупотреба за матни политички цели.

Овој настан во Струга поткопа дел од угледот на Македонската православна црква и сега ќе ѝ треба време да го поврати. Тоа нема да оди така брзо колку што оние кои повеќе веруваат во бога, а многу малку во науката, си мислат. Општа констатација во светот е дека оваа криза ги врати професионалците и науката на сцената. МПЦ сега дава некои обајснувања како да сме во времето на богомилите. И како да направи линија на разделување меѓу верниците и другото граѓанство во време кога сите се исплашени за сопственото здравје и за здравјето на нивните најблиски. Тоа е најлошото што може да ѝ се случи на МПЦ – да стане фактор на разделување, а не на обединување. Прашање е колку може тоа да го видат во Црквата во времето на силниот гнев на јавноста.

Исто така, прашање е какви мерки може да преземе Владата и обвинителството во идентификување на одговорните. Или ќе се чека времето да стивне гневот. Како и да е, овој настан покажа дека кога огромен број од граѓаните се придржуваат до мерките за епидемијата да се стави под контрола, некои одредени групи под различни изговори (без оглед дали тоа се религиски или поради некои други верувања) може да го поткопаат целиот напор на општеството. И тоа е она што е најстрашно.