Светот во „војна“ – чија помош е реална, а чија пропагандна?


Препукувањето меѓу власта и опозицијата во Македонија околу справувањето со корона вирусот станува глобален феномен. На твитер и преку медиумите може да се види дека не само што се спори справувањето на многу светски лидери со кризата, туку и се води вистинска  пропагандна војна кој дава, а кој не дава помош на други држави погодени многу повеќе од кризата, дали ЕУ спие додека Кина дели маски и респиратори, дали САД е најголем светски донатор или Путин, патем долу во медицински скафандер, ги претрка во пи-арот.

Откако почна оваа „војна“ на интернетот се појавија стории во шпанскиот печат дека кинеските вакцини не биле ефикасни, а во италијанскиот дека помошта од Русија била дури 80 отсто бескорисна, што деновиве низ Европа се обидуваат да го демантираат руските амбасадори. Се помага ли навистина или се прави пи-ар, е прашање што се наметна откако ЕУ влезе во истиот филм и вчера на сите страни ја рекламираше својата помош за Србија, што пак отвори дилема – ќе има ли исто таква помош и помпа за Македонија?

Американскиот медиум „Нешенел ривју“ на таа линија објави вчера текст тврдејќи дека САД и ЕУ даваат пари, а Кина навидум дава помош, бидејќи сето тоа го наплаќа. Уште повеќе, според текстот, Кина продала во Европа исто толку помош колку што на почетокот на кризата добила бесплатно како помош од Европската Унија. Во текстот стои:

„Добивањето  на итно потребна медицинска помош и потоа продажба на таква помош во странство не е добротворна мисија, без оглед што велат кинеските пропагандисти.
Кинезите се обидуваат да ја претворат пандемијата, која во најголем дел е предизвикана од нивната неспособност, во пропагандна победа со истакнување на приказни за Кина што испорачува опрема и експертиза до заразените земји.

Кина научи многу во изминатите неколку години. Откако тајфунот „Хајан“ ги опустоши Филипините во 2013 година, држави низ целиот свет започнаа со акција, испраќајќи храна, пари и материјали за помош. Кина се приклучи, првично понудувајќи 200.000 долари, или нешто повеќе од половина од донацијата од 350.000 од рок-групата „Патување“. Откако се соочи со  презир за својата скржавост, втората по големина економија во светот ја зголеми донацијата на околу два милиони американски долари, што речиси одговараше на донацијата од 2,7 милиони американски долари на компанијата ИКЕА.

Главната лекција што се чини дека Кинезите ја извлекоа од дебаклот е дека преставата за правењето добрина е поважна од тоа колку се прави. Во изминатите неколку недели, кинеската пропагандна машина работи под полна пареа, фалејќи ја Кина за купување време на светот да одговори на пандемијата и за предводење на глобалниот одговор на коронавирусот. Двете тврдења се лажни, и покрај тоа што се широко распространети во медиумите.

Кина не го одложи ширењето на болеста, напротив, официјалните лица на Вухан ги уништија доказите и ги малтретираа медицинските професионалци кои предупредуваа за новиот вирус. Откако претседателот Ши Џинпинг ја презеде одговорноста за корона вирусот, тој ги оизмамуваше официјалните претставници на Светската здравствена организација и чекаше додека заразените лица стигнаа во Тајланд, Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави пред да започне со затворање на регионот. Со месеци Кина не ја спречуваше болеста, туку луѓето што се обидоа да ја спречат.

Кинеските пропагандисти, исто така, тврдат дека Кина предводи во борбата за справување со епидемијата во светот, што е исто така лажно. Наголемо објавениот подарок на Кина од еден милион маски за Јапонија е голем и прекрасен гест, но е само една третина од претходните донации од Јапонија од речиси три милиони маски за Кина.

Највпечатливиот случај, сепак, е  Италија, каде големата испорака на лекови и лекари од Кина предизвика чувство кај Американците дека САД ја губат својата глобална улога во водството. Медиумите честопати изоставуваа дека медицинскиот матеијал го  купиле и платиле Италијанците и дека Кина, всушност, ја исполнила својата обврска да го испорача она што го продала.

Севкупно, Кина врати во Европа околу медицинска опрема колку што прими, земајќи признанија за опрема добиена од земјите од Северна и Централна Европа и подоцна упатена во Јужна Европа. Но, за разлика од европските донатори, Кинезите не го прават тоа за бесплатно. Кинезите се фалат за својата великодушност и дозволуваат Германија и Европската унија да ја преземат вината за недостигот во цела Европа, што во најголем дел се должи на кинеските задржувања. Ова не е филантропија, ова е меркантилизам.

Од друга страна, Конгресот веќе ја помина, а претседателот Трамп ја потпиша одлуката за 1,3 милијарди американски долари помош на најзагрозените земји од епидемијата во странство. САД им помага на земјите во развој со уште 6,5 милијарди американски долари. Ова е само дел од над 90 милијарди американски долари што САД ги потрошиле на глобалното здравство од 2019 година. И тие не се сами. Повеќето од нивните демократски сојузници претпочитаат хуманитарна помош над трошоците за одбрана“, стои во текстот на „Нешенел ривју“. (С.Ј.)