Во Франција отворена истрага против тинејџер кој хакирал милиони податоци
Канцеларијата на парискиот обвинител покрена истрага против петнаесетгодишник осомничен дека ја хакирал националната агенција за издавање лични карти и се обидел да ги продаде податоците на милиони Французи на „dark web“ претходно овој месец, соопшти денеска обвинителството.
Тинејџерот, чиј идентитет не е откриен, е приведен на 25 април и задржан во полициски притвор на испитување, откако се појави сомнеж дека тој стои зад прекарот „breach3d“ – хакер кој ставил на продажба меѓу 12 и 18 милиони редови украдени податоци.
Кражбата на податоци со кои управува државата носи казна до седум години затвор и парична казна до 300.000 евра. Агенцијата ANTS, која ги чува личните податоци на француските граѓани (лични карти, пасоши, возачки дозволи и регистарски таблички), потврди дека податоците понудени на продажба се автентични и ја извести полицијата дека открила „невообичаени активности“ на својата мрежа на 13 април.
ANTS, исто така, управува со апликација за верификација на возраста, наменета да им спречи на децата под 15 години пристап до социјалните мрежи. Девет дена по хакирањето, на 22 април, агенцијата испрати имејл до милиони француски граѓани за да ги извести за кибер-нападот, препорачувајќи дополнителна претпазливост поради можни несакани повици или пораки и советувајќи ги никогаш да не откриваат лични податоци.
Агенцијата додаде дека се преземени сите неопходни мерки, без да прецизира за какви мерки станува збор. Овој кибер-напад во Франција го отвори прашањето дали е безбедно граѓаните да ги имаат сите свои информации зачувани во централизирана база на податоци.