Светот преплавен со милиони лажни банкноти
Фалсификувањето пари, една од најстарите криминални активности, во 21 век добива нова димензија преку употреба на софистицирана технологија и државно спонзорирани програми, се наведува во најновите анализи на финансиските институции, пренесува Хина.
Според проценките на американското Министерство за финансии, во оптек во секој момент се наоѓаат меѓу 70 и 200 милиони лажни долари, што значи дека на секои 10.000 оригинални банкноти доаѓа по една фалсификувана. Во Европа ситуацијата е под контрола, иако операцијата на Европол „DECOY III“ во февруари 2026 година спречи влез на околу 1,2 милијарди евра лажни пари, пресретнувајќи над седум милиони банкноти и монети.
Европската централна банка (ЕЦБ) бележи дека најчесто се фалсификуваат апоените од 20 и од 50 евра.
Најсофистицираната закана доаѓа од Северна Кореја и нивниот т.н. „супердолар“. Се верува дека уште од крајот на 1970-тите, по наредба на државниот врв, земјата произведува исклучително квалитетни фалсификати на индустриско ниво за финансирање на своите нуклеарни и ракетни програми. Овие банкноти се толку прецизни што тешко се откриваат на меѓународниот пазар, а често се дистрибуираат преку дипломатски канали во мешавина со вистински пари. Покрај доларот, изминатите години се појавија и висококвалитетни фалсификати на банкнотата од 200 евра.
Како одговор на овие закани, САД и ЕЦБ континуирано ги усовршуваат заштитните елементи, а во борбата се вклучува и вештачката интелигенција (ВИ). Новите „супербанкноти“ изработени со 3Д-печатење сега се откриваат со помош на ВИ-алгоритми кои ги препознаваат неправилностите во реално време. Иако физичкиот фалсификат се соочува со строги контроли, пазарите во одредени региони остануваат транзитни точки за нелегални финансиски текови.
Експертите предвидуваат дека до 2035 година готовината би можела да падне на само 5 отсто од вкупните плаќања. Сепак, преминот кон дигитални валути носи нови грижи за приватноста, бидејќи, за разлика од кешот кој е анонимен, секоја дигитална трансакција остава трага до која властите и приватните компании можат да имаат пристап.