Султанот Сулејман, Ворен и Чадиковски


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Пред четири години, во екот на Шарената револуција, гостував во „Топ тема“ кај Чомовски. Освен јас, имаше уште две гостинки – јавни личности кои се бунеа против тогашната власт. Во најавната шпица, бевме претставени како дами. Всушност, нашиот род беше и поентата на нашето гостување: бидејќи жените се ретко присутни во јавната сфера, овде бевме збрани три, како ретки и егзотични птици, и тоа од страна на еден маж. „Првпат се чувствувам како султан Сулејман“, рече Чомовски уште во самиот вовед на емисијата, сведувајќи не’ нас три на харем. Но и покрај сето ова, другите две гостинки – етаблирани бели Македонки – за време на една од паузите за реклами ми рекоа дека тие не биле феминистки. Тие не гледале потреба за тоа, оти нив никој досега не ги дискриминирал. Тие никогаш во општеството не забележале таква работа, и за се’ што направиле – се избориле сами. Ова го кажаа во присуство на султанот Сулејман.

Не ме изненадуват ваквите отворени, па еве и да речам ограничени и глупи предрасуди кон жените и движењето за родова еднаквост, во очи на болно очигледната дискриминација на жената како факт. Патријархатот со векови работи на одржувањето на мизогинијата и на несолидарната практика жените да се однесуваат како нормативниот бел, успешен маж со хетеросексуална ориентација, зашто инаку и самите би биле ставени во маргините. Според најновото истражување на Обединетите нации, 90 отсто од светската популација (и мажи и жени) гаи предрасуди кон жените. Според ова истражување, во светот во мигов постои негативен тренд кон постигнување на родова еднаквост – дека наместо да се намалуваат, на глобално ниво, предрасудите всушност се зголемуваат.

Последен пример на ваквата мизогинија беше и пропаднатата кандидатура за претседателка на САД на Елизабет Ворен. „Ние сме за Ворен, ама таа нема шанси. Луѓето нема да гласаат за неа зашто е жена“, отворено ми рече една од моите пријателки Американки. И други кои ги познавам – и огромен број други Американци – потпаднаа под шовинистичкиот бран што ја обзеде Америка и не гласаа за Ворен, знаејќи дека живеат во мизогино општество кое нема да ја прифати Ворен како претседателка. Едноставно, за една жена секогаш не е вистинското време: и покрај своите квалификации, и покрај своите извонредни настапи на дебатите, и покрај нејзината стручност и професионалност, Ворен (според американските медиуми) има „нападен стил“, таа е „сезнајка“ и „непријатна“. Се разбира: жените кои знаат што зборуваат автоматски се агресивни и непријатни. За да стигнат до позиција лесно достапна за еден медикоритетски маж, тие треба да се супер-жени.

Ваквиот став проследен со тежок срамизам го видовме неделава и во емисијата „24 Отворено“ која ја води новинарот Младен Чадиковски, на тема „Има ли политиката страв од успешни жени?“, во која гостуваа четири политичарки. Уште од самиот старт Чадиковски го постави следното прашање: „Дали министерките покажаа дека подобро делат правда, дека поквалитетно ги менаџираат јавните финансии, имаат стратегија во одбраната и поголем слух за социјалата?“

Еве го и Чадиковски како инсинуира дека жената за да биде ставена на некоја позиција на која досега биле само мажи, работата треба да ја врши подобро, треба да работи поквалитетно, треба има поголем слух за работите од еден маж. Навистина, зарем не може едноставно да ја врши еднакво добро? Не може да биде еднакво квалитетна  и да има еднаков слух како еден маж?

Но базично неуките ставови на Чадиковски не престанаа тука:

„Дали освен пополнувањето дупки во образувачката законска дупка, вистинската болка на македонското општество е што учеството на понежниот пол во политиката се гледа врз призмата на родова, етничка, партиска застапеност, а не по правилото, избор на професионалци?“ праша тој, обраќајќи им се на жените со дискриминаторското клише „понежен пол“, а потоа и инсинуирајќи дека правилото за избор е професионалноста. Значи, мажите што го раководат општеството се всушност бирани по професионални принципи, а не по принципот на привилегија.

Па ако е така, јас би сакала да ве запрашам дали ако жена направеше ваква клучна грешка, ќе ја сметавте достојна да биде новинарско име и да има медиумски простор? Каде е тука професионализмот на Чадиковски за кој принципот и правилото на избор е професионалноста?

Но професионалноста на овој новинар не застана тука – на крајот на емисијата тој им се заблагодари на гостинките што ја „разубавеле емисијата“, и на сите им подари по една ружа. Во студиото настапи непријатна тишина додека Чадиковски ги делеше ружите како да е на школска приредба. Публиката и Санела Шкријељ си се смешкаа меѓусебно. „И леб и ружи“, му одговори таа, ама се чини дека Чадиковски тоа не го разбра.

Една нормална реакција на ваква навреда – сведување на овие професионални жени на украс за разубавување и потоа нивно патронизирање со ружи – би требало да ги разгневи гостинките и публиката. Ама секој искажан гнев и протест кај жените е сфатен како агресивен и хистеричен, и обично не им оди во прилог. Затоа гостинките и публиката не  изреагираа бучно на срамниот чекор на Чадиковски. А следна реакција на ваква навреда би требало да биде таков новинар воопшто да нема пристап кон емисии кои влијаат врз јавното мислење.

Јас разбирам дека Чадиковски не е свесен за своите постапки, и дека мислел дека нешто прави добронамерно. Ама искрено, доста ми е од добрите намери и од немањето свест. Аман, научете нешто пред да навредите пола население со вашиот патронизирачки, надмен, неосновано самоуверен однос кој го затскрива вашето блескаво, заслепувачко незнаење.

И конечно, иако можеби ваквите личности тоа не го знаат, за нив сите постои збор. Зборот кој ги одредува личностите што гаат какви било предрасуди кон жените е едноставен: шовинист.

(Румена Бужаровска е писателка)