Судот во Струга му го врати пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски
Според законот, не може да се земе и гранција во имот (пет милиони евра) и да биде одземен пасошот. Или едното или другото, ни изјавија од судот во Струга
БИТОЛА – Основниот суд во Струга му го врати пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски обвинет за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“.
Оваа информација за „Независен“ лично ја потврди претседателот на Основниот суд Струга, судијата Вулнет Винца.
„Пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над 5 милиони евра. Според законот не може да се земе и гранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“, ни изјави Винца.
На битолскиот бизнисмен Борче Марковски и на осум други лица им се суди за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“, тендер тежок над 1,7 милиони евра. На обвинителна клупа покрај Марковски се и петмина вработени од РЕК „Битола“ и двајца вработени во фирмата на Марковски.
Еден од обвинетите е и поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, на кого веќе му се суди и во Основниот суд Битола за случајот со тендерот за ископ на јаловина со битолската фирма „Рудкоп“ Битола.
Судскиот процес за Марковски почна во Основен суд Битола за потоа да биде целосно префрлен во судот во Струга.
Пред еден месец, на 24 јуни, требаше да започне судењето во Струга, но стартот беше одложен бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, па тој побарал разумен рок да се запознае со обвинителниот акт.
Според изјавата за „Независен“ на претседателот на Основниот суд Струга, судијата Винца, почетокот на судењето за случајот Марковски е закажано за 2 септември годинава.
Овој судски случај е познат и по тоа што во април годинава сите 11 судии од Основниот суд во Битола беа изземени од предметот за злоупотреба со јавните набавки во РЕК „Битола“ и „Марковски компани“, по што предметот се пресели во струшкиот Основен суд. Од постапката меѓу изземените беше и претседателката на битолскиот Основен суд, Татјана Петровска.
Битолскиот апелационен суд одлучи во предметот да постапува судот во Струга.
Апелација оценила дека судот во Струга кој има проширена наделжност, истовремено има и доволно судии и капацитет да постапува по предметот.
Според обвинението пред три години, во 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и тогашниот директор на комбинатот, Пеце Матевски, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка на јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот ‘Осломеј’ во рудниците на РЕК ‘Битола’, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“,соопшти првично ОЈО Битола.
Дополнително, како што наведува обвинителството, обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка. Минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи го „Марковски компани“ да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 1,7 милиони евра.
Борче Марковски како првообвинет, двајца вработени од неговата компанија „Марковски компани“ се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација, во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК „Битола“.
Незавршената обврска, појаснува Обвинителството, ја наплаќале врз основа на лажна документација со што „Марковски компани“ незаконски се стекнала со имот од големи размери.
„Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК ‘Битола’, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК ‘Битола’ да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – измама во службата“, појаснува обвинителството.
Со меѓународна правна помош, ОЈО обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград во сопственост на Марковски. Замрзнат е имот на фирмата од 10 нови товарни возила на име на српска компанија на Марковски.