Испразнетите места во Уставниот суд ќе се пополнат до крајот на август


Блокадата во која западна Уставниот суд откако се испразнија две судиски места ќе биде надмината во текот на претстојниот месец со изборот на нови судии, изјавил  за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓија Сајковски, претседател на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања и пратеник на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека тогаш ќе се комплетира составот на ова судска инстанца.

– До крајот на август, изборот ќе биде завршен – изјави Сајковски.

Ова значи дека во тој период ќе треба да се изврши гласањето на пратениците по веќе доставениот предлог на Судскиот совет за избор на Мери Дика-Георгиевска за нова уставна судијка, но и да се достави предлог за избор на нов судија кој ќе треба да го замени досегашниот судија Гоце Наумовски, кој неодамна поднесе оставка на функцијата.

Предлогот за замената на Наумовски треба да дојде од редовите на Собранието. Со ова би требало да се надмине застој во работата на Судот кој сега има само седум членови и во повеќе предмети не може да донесе полноважни одлуки бидејќи не може да се постигне мнозинство од пет гласа „за“ колку што е потребно за конечна одлука.

Во изминативе месеци посебно прашање и дилема беше зошто Собранието не го врши изборот на предложената судијка Мери Дика-Георгиевска, предложена од март годинава.