Судот покажа „’рбет“ – кон дедото на Тамара


НАУМ КОТЕВСКИ

Случајот со малата Тамара, која имаше тешка форма на сколиоза и за жал, така искривена и свиткана од болка не доби институционален амин за нова животна шанса, деновиве испука нов куршум во утробата на неправедното општество во кое секојдневно се тетеравиме.

Љупчо Стојановски, чија внука си замина од овој свет не добивајќи го уставно загарантираното право за лекување, ќе помине зад решетки седум и пол години, бидејќи притиснат од долгата и неподнослива агонија пред две години се обиде да пука во тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, кога овој требаше да ја предаде функцијата.

Сега апелациските судии се согласија со одлуката на кривичните судии, иако првиот пат истиот овој суд ја укина пресудата, па ја врати на повторено судење бидејќи „ е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоењето на кривично дело и кривичната одговорност“.

Реконструкцијата на настанот на крајот од минатата година пред Министерството за здравство беше дополнувањето што беше направено во повторното судење во судскиот процес. Тодоров и Стојановски се видоа очи в очи. Првиот посведочи дека обвинетиот го вперил пиштолот во неговата глава и директно без предупредување испукал, а Стојановски тврдеше дека немал намера да пука туку сакал да го искористи настанот на примопредавање на функцијата, на кој знаел дека ќе има и медиуми и да испрати порака до државните власти дека треба да обезбедат услови за живот на сите болни деца –  за да нема други Тамари.

Обидот за убиство факт е дека се случи, за среќа, без фатални последици. Насилството во секој случај мора да се осуди и соодветно да биде казнето. Но, она што повторно создава оправдан револт и гнев кај јавноста е чувството на несразмерност во казнувањето и селективната правда.

Ова не е обид за релативизирање на случајот или беседа за доведување на целиот општествен систем на ниво на принципот „око за око, заб за заб“ и враќање во древната Месопотамија на Хамураби. Но, не може да се замижи пред нагласената правна нееднаквост на различните општествени слоеви. Впечаток е дека за едни судот е строг и неумолив и изрекува драконски казни, а за моќниците и нивните приврзоци практично како да не постои.

Убиството во обид, според судската практика, велат правниците, досега завршувало  со условни или минимални казни од две или три години затвор, а за брутални и свирепи убиства се изрекувале казни затвор од 5 до 10 години. Да не зборуваме за ослободителните пресуди или минималните казни изречени на телохранители на бивши високи функционери за сообраќајните несреќи со смртни последици или лесната преквалификација на дела за добивање помали казни. Или за неказнивоста на тешкиот криминал со политичка закрила. Револтира и игнорирањето на целиот контекст и олеснителните околности во случаите, за кои дел од граѓаните може не се свесни, но судот мора да ги земе предвид.

Правосудниот систем, кој и сега не може да се пофали со некој импозантен кредибилитет и интегритет, за време на претходната власт беше најголем прекршител на човековите права. Довербата во него беше нула, а како последица на тоа некои одлучија да ја земат правдата во свои раце, па дури, како дедото на Тамара, и да се обидат да посегнат по животот на други луѓе. Институционалниот и општествен хаос несомнено произведува девијантни однесувања и  од најрадикален вид. Затоа апсолутно во право беа оние што уште пред две години оценија дека во Тодоров, всушност, пукаше системот кој го создаваше политичката номенклатура на која тој ѝ припаѓаше.

Едно вакво финално сценарио, во кое Тодоров е „жртва“, а дедото лудакот кој треба да одлежи, никако не може да биде конечната правда што треба да ја донесе судскиот систем за овој случај. Во мај минатата година, три и пол години подоцна, поднесено е обвинение против 12 лица за несовесно работење во службата во случајот со лекувањето на Тамара. За случајот се обвинети петте члена на првостепената и членовите на второстепената комисија, кои го донеле, односно го потврдиле негативното решение за лекување во странство, како и двата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ. Процесот засега тапка во место, а јавноста и натаму бара одговор на неколку важни и веќе поставени прашања – дали наредбата да не се испрати Тамара во странство дошла од „горе“, дали девојчето, всушност, било чувано за операција со која власта требало да си направи промоција на новиот спинален центар кој никогаш не профункционира, дали и која е вината на Тодоров во случајот…

Нема да биде изненадување доколку ништо од ова не се дознае и никој на крајот да не сноси одговорност, освен дедото на Тамара и сè да остане на линија на изјавата на ексдиректорката на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева-Змејкова. Таа пред четири години, соопштувајќи ја одлуката да поднесе оставка на функцијата (како што самата рече поради лични, човечки причини), меѓу другото изјави дека обдукцијата ја потврдила причината за смртта, односно дека „таа не е поврзана со операцијата што требаше да ја има Тамара, а за која се обезбедија средства“. Само не кажа дали таа причина – бронхопневмонијата може да биде последица на сколиозата од која боледуваше Тамара.