Сточарството да биде на прво место за државата, порачаа сточарите од Малешевијата и Пијанец


Во беровското село Смојмирово викендов се одржа Сточарска вечер посветена на сточарите од Малешевијата, Пијанец, околните места, како и гости од Србија.

Александар Мачевски сточар од село Робово, како еден од организаторите на настанот, истакна дека по паузата заради корона пандемијата, ова е втора Сточарска вечер на која присуствуваа околу 270 сточари од Берово, Пехчево, Делчево, Виница, Штип, Струмица и гости од соседна Србија.

– Пред четири години ја организиравме првата сточарска вечер, сега после корона кризата оваа е втора организација на оваа вечер. Благодарни сме на сите сточари од источниот дел што не подржаа, исто така и благодарност до главните спонзори на сточарската вечер. Целта на оваа средба е да продолжи традицијата и многу ми е мило дека оваа вечер имавме околу 270 гости од Македонска Каменица, Делчево, Штип, Кочани, Струмица и други градови од истокот, како и гости од соседна Србија, рече Мачевски.


Целта на настанот, додаде, е сточарите да разменат искуства и да порачаат дека сточарството за државата, треба да биде на прво место.

– За сточарите треба да се обрне големо внимание на оние кои чуваат стока, да не фрлаат пари по други нешта, туку да им помогнат на сточарите. Сточарството треба да биде на прво место, оваа гранка станува исплатлива, но сепак благодарни сме и за субвенциите, кои сега еве ги пуштија благодарни сме исто така со откупната цена на телињата, а треба да се благодарни и напролет за откупот на јагнињата. Но, сепак државата треба да обрне внимание најмногу на сточарството, ако не е сточарството државата ќе пропадне уште повеќе, истакна Мачевски.

Горан Стаменков од виничкото село Калиманци, одгледува околу 200 грла овци и нему најтешко му паѓа цената на храната за стоката.

– Цените на производството од сточарите се ниски, додека цените на другите производи се високи, а за сточарите да бидат задоволни треба цената на производство да се покачи како со другите. Како сточар јас чувам околу 200 грла овци и произведувам млеко и млечни производи и месо. Ситуацијата е многу тешка, поготово, како што реков, со скапата храна за стоката и ниската откупна цена на нашите производи. Млад човек нема никакви шанси да го работи ова да чува стока. Ние постарите што сме останати уште неколку во моето село го работиме ова сеуште, но доколку не се покачат цените апсолутно ќе се откажеме, дециден е Стаменков.


Гоце Спасов од виничкото село Трсино чува околу 20 крави, сака да успее во Македонија, но поради цената на сточарските производи веќе неколку месеци бил приморан да замине во Италија.

– Тука кај нас нема иднина за сточарство, сакаме да просперираме и да направиме нешто, младите да не одат по странство, но еве ценовниот удар по сточарите и земјоделците си го прави своето. Државата треба да помогне. На времето во моето село имаше многу млади луѓе кои чуваа стока, но сега еве народот се сели, посебно младите и никој нема интерес да се занимава со одгледување на стока, вели Спасов.

Ристе Ивановски од Делчево е млад човек кој сака сточарството како главна гранка да опстане во Малешевијата. Според него, на секој млад земјоделец треба да му се помогне со одредена сума, за да може да купи свое стадо овци, кози или крави и да може да се определи на свој бизнис и во иднина да чува нешто.

– Младите веќе масовно одат во странство, не сакаат да работат со оваа дејност и сметаат дека таа гранка изумира и дека нема исплатливост да се работи. Тука треба државата да помогне на секој млад земјоделец за да може да успее, да просперира и да работи понатаму. Конкретно треба на секој млад земјоделец да му се помогне со одредена сума за да може да купи свое стадо овци, кози или крави, за да може да се определи на свој бизнис и во иднина да чува нешто, вели Ивановски.

Тој е млад сточар и земјоделец кој моментално учи средно училиште во Свети Николе, има наследено штала и друг имот од неговите дедо и баба во селото Панчарево, а плановите му се во иднина кога ќе заврши факултет да се определи на гранката сточарство со овчарство и да чува овци.

– Сакам да чувам овци затоа што овчарството во Малешевијата над 90 посто веќе изумира. Еве во нашето село има около 120 грла на овци, кои само еден човек ги чува, а пред десетина години се чувале над 10 стада овци. Јас мислам дека за секој млад земјоделец или сточар, за да се врати во овој крај, да ги искористи сите гранки и природни ресурси, треба државата пред се да му излезе во пресрет, со грант од 5 до 10 илјади евра, за да може да почне свој сточарски бизнис, додава Ивановски.

Вангелина Пармачка како жена земјоделец и сточар изрази увереност дека сточарите од овој дел на државата и понатаму ќе останат истрајни и сплотени ќе се поддржуваат во пресрет на кризниот период заради недостаток на храна.

– Мене ми е навистина драго што во толку голем број сме присутни на оваа сточарска вечер, за да ја покажеме нашата упорност во тие комплицирани времиња, време на пост корона и економска криза. Се надеваме со нашата упорност дека навистина и понатаму ќе останеме сплотени, ќе се поддржуваме едни со други, затоа што пред нас престои некој кризен период од недостаток на храна и многу други репро материјали, кои што се скапи и понатаму ќе поскапуваат. Затоа се надеваме така заеднички здружено, сложно и сплотено да ги оствариме нашите цели и идеи и заеднички да бараме што ни е потребно од државата, а таа да ни помогне за да останеме на ова поле каде што сме, овде да инвестираме и напредуваме, државата да не подржува нас, а ние да и враќаме со приходи и добивки, рече Пармачка.

Како жена земјоделка и сточарка, Пармачка долги години семејно егзистира од овчарство и пољоделство, работејки на нива и произведувајки храна за сопствените овци.

– Целото наше производство е органско кое се стреми со повеќе критериуми, затоа сме производители и на поле за храна, а произведуваме органско млеко, органско јагне и сирење. Задоволни сме досега од нашето производство, ама не сме задоволни од недостатокот на работна рака, која навистина не спречува во остварување на нашите цели. Инаку работата не можеме да кажеме дека е многу сјајна, таа е напорна и посветена, ама ние сме упорни и се надеваме дека ќе издржиме, додаде Пармачка, која живее во беровското село Будинарци.

Бизнисменот Благој Механџиски – Зегин, кој беше специјален гостин на вечерта, изрази задоволство што повторно е меѓу сточарите, како негови деловни партнери.

-Не само како гигант во фармецевската индустрија, јас бев на план да ја направиме и најдобрата млекара во Малешевијата. Не знам од кои причини, но во Малешевијата почна да се намалува сточниот фонд, почна на некој начин да се деградира најосновниот и историски доходовен бизнис на сите времења во малешевскиот крај, сточарството. Драго ми е што сум меѓу сточарите оваа вечер, кои се и мои деловни партнери. Гледам дека атмосферата се загрева, бидејќи истите овчари тука сакаат да го продолжат сточарството. Во моментот имаме најлош индекс на сточарство и сточен фонд во историјата на Малешевијата. Посебно сакам да нагласам дека, треба да им се обезбеди на младите и да не го понижуваат називот овчар. Јас сум овчарче од Русиново и сега сум на овчарска вечер, а од овчарче постигнав, се што сум ова денеска, така да да не се обесхрабруваат сточарите, рече Механџиски.

Порача во сточарството да се гледа иднината на Малешевијата која го има најдобриот бренд со преку 360 домицилни автохтони растенија, кои му даваат посебен шмек и посебен антибиотски статус на малешевскиот млечен производ.

– Лактацијата е многу подобра од ваквата трева кај нашите сточарски видови на крави, овци или кози. Затоа сакам на нашите сточари, да им посакам се најубаво и заедно ќе бидеме појаки, па сакам да го најавам и друштвото или организацијата која е во тек на фромирање која ќе се вика „Малешевци за Малешево“ каде што ќе се бориме да го вратиме малешевскиот етнос, малешевската култура и музика, храна, производство, наука и традиција, потенцираше Зегин.

Бојан Ѓорѓиевски претседател на најголемото здружение на свињарски фарми на ниво на цела Македонија „Македонско прасе“ изрази задоволство што е присутен на овој настан, кој што ги собра сите сточари и земјоделци во целата Малешевија, изразувајки надеж дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина, се со цел сточарите и земјоделците да бидат уште пообединети.

– Значи да си помагаме едни со други. Врз основа на овие тешки времиња и сето тоа моментално што се случува на берзите со храна и ред други работи, пак би рекол дека земјоделецот треба да се стави на прво место во државата, како и докторите, рече Ѓорѓиевски.

Прашан дали се уште е присутна африканската свинска чума во државата, рече дека се уште има активни и позитивни случаи на ниво на Куманово.

– Мене ми е жал сето ова што се случи, каде што моментално имаме една рецесија имаме една инфлација каде што народот е сиромашен и највеќе се удри по чесниот земјоделец. Пред се би пратил порака дека големите фарми имаат нешто против малите земјоделци и малите мини свињарски фарми. ЕУ легислативата така налага и тоа мора да се испочитува. Би апелирал до сите земјоделци, се надевам дека пак ќе се дозволи репопулација на мини фармите и фармите, меѓу време додека фармите им се празни на тие што им ги депопулирале, да ги подигнат био сигурносните мерки, да ги оградат фармите, додаде Ѓорѓиевски.


Берово според претседателот на „Македонско прасе” е еден прекрасен град каде што има топли и драги луѓе и секогаш во слободно време гледа да го посети, а на сточарска вечер присуствувал за прв пат. Апелираше државата да посвети многу повеќе време на младите, за младиот човек да се задржи во државата.

– Овчарството е една гранка која треба да расте и да се развива. Знаете како доаѓаме во време каде што секоја година познавајќи ги и другите бидејќи сум ветеринарен доктор по професија, се засновува целото сточарство на субвенциите. Субвенциите треба да се тргнат, треба да се оди на рентабилност, треба да се увезат приплодни раси, млечни раси зависи кој како према што сака да си се оријентира. Мора да има и модернизација која е на прво место. Не може ние да се навраќаме сто години наназад како нашиот дедо или пар дедо и така моментално да се чуваат. Македонскиот земјоделец или сточар не сака да слуша кога ќе дојде некој поискусен и да му додели некој совет, така да долга и широка е темата и мислам дека на прво место државата треба да ги стави младите. Вие имате одлична клима цела Малешевија, имате одлични услови и пасишта, одлично земјиште, што гледајќи по статистиката многу малку е обработено, значи треба да се обрне посебно внимание, особено на вашиот дел каде што од страна на моите фармери и здружение имате секогаш огромна поддршка, подвлече претседателот на најголемото здружение на свињарски фарми на ниво на цела Македонија „Македонско прасе“.

Николчо Стојменовски доктор по ветеринарна медицина од Делчево додаде дека сточарската вечер е момент кога и докторите и сточарите можат да здивнат од секојдневната работа, но пред се и да се видат и да разменат мислења.

– Сточарите имаат секојдневни проблеми кои треба полека да почнат да се решаваат. Значи проблем со цените за храната, проблем со откупот на млекото, проблем и со субвенциите, а проблем и со цените на нашите лекови, што значи кога ние ќе го набавиме лекот кој е скап, навистина и самите интервенции треба да бидат поскапени во тој дел и најгорлив проблем е тоа што самите сточари неколку години по ред кажуваат рок за исплата на субвенциите. Треба да се каже, значи јуни и јули или август, за секој сточар да си планира како да ја помине зимата или пролетта, зависи кога ќе биде решен тој рок за исплата на субвенциите. Процентот по години односно страрост на нашите сточари се гледа дека млад човек едноставно не се занимава со тоа, но самата стимулација од државата и самата и од АХВ би требало да помогне нешто да се промени. Тешко ќе биде, но дали ќе се успее ќе видиме, рече Стојменовски.

За Власта Петровиќ, регионален менаџер од Србија, клучно за сточарите од овој крај да се организираат во задруги за да ги продаваат сопствените производи и да набават евтина храна.

– Често доаѓам во Берово, затоа што имаме малоподажба каде се продаваат нашите сточни концетрати, имаме добра соработка со вас и има уште простор, затоа одлучивме да присуствуваме на оваа заедничка вечер. Овој крај е еден од значајните краеви во Македонија, каде се одгледуваат овци и има простор да биде уште подобро. Потребно е да се здружите, да се формираат задруги и здруженија за да ги исполните и продавате вашите сопствени производи и да набавите евтина храна. Тоа е некој современ начин ма комуницирање. Мислам деко после оваа корона криза доаѓаат подобри денови за сточарството, посебно за овчарството. На овие наши простори, онаа што можеме ние да го работиме и што е перспективно е производството на храна. Ние сме генерален спонзор на оваа сточарска вечер, бидејќи сме присутни овде и имаме намера уште повеќе да сме тука, истакна Петровиќ.

Во рамки на Сточарската вечер беа доделени голем број награди, потпомогнати од голем број на стопанственици и фирми од Малешевијата и целиот источен регион. Сточарите и земјоделците сплотено посветија внимание на нивната вечер и својата мактрпна работа, која како што велат е составен дел од нив. Упатија порака за уште поголеми успеси следниот период и аманет за догодина да се соберат во уште поголем број, со надеж за подобро утре на нивната професија и гранката која живот значи.