Сто години чекаме датуми

ЕРОЛ РИЗАОВ 

Кутра Македонија уште чека да ѝ кажат неколку политичари кога ќе гласа оти тоа нигде во ниту еден закон божем не било запишано како треба

(Колумна за Дојче веле)

 

Во текот на оваа недела ќе бидеме во исчекување на датумот кога ќе се одржат избори. Чекаме датум кога ќе исчезне последниот вирус и ќе престане вонредната состојба, кога ќе нема ни еден заболен, ниту починат. Што е сигурно, сигурно е. Што ќе правиме до тогаш? Тоа што го правевме и досега. Ќе чекаме и ќе се караме.

Го чекавме со години датумот за прогласување на независноста и самостојноста на државата. Ги чекале и нашите претци сите историски датуми од Илинден 1903 до 11 октомври 1941 година, до АВНОЈ и до АСНОМ. Болката е изгледа наследна. Го чекаме датумот кога ќе почнат преговорите со ЕУ. Потоа ќе го чекаме датумот кога ќе завршат и ќе станеме членка на ЕУ.

Во меѓувреме, ќе им оставиме во аманет на поколенијата што доаѓаат да продолжат да чекаат и да се мразат, обвинуваат и делат кој е повиновен што постојано доцниме да ги завршиме работите навреме за да стаса датумот како тестото за утрешниот леб, кој поради силниот оган одозгора и одоздола е добро испечен, а од внатре секогаш останува живо тесто. Така, во чекање да созрееме, потрошивме повеќе генерации.

Има ли датум кога почнува среќата

Се изначекавме на датумот за членство во НАТО, додека не откривме дека можела работата да се заврши добро и брзо. Откривме, ама не научивме. Го чекавме со години и датумот кога ќе станеме членка на ОН. Сто години чекаме да ни го кажат точниот датум кога е формирана македонската нација, писмо и јазик… Постојано чекаме. И уште не прифативме дека конечно треба да престанеме да чекаме, туку да го направиме тоа кон што се стремиме и тоа што ни го налагаат историските закономерности. И кога ќе успееме многу ретко да го добиеме тоа што долго го чекаме, ќе го избришеме, ќе го поплукаме, ќе го снеубавиме до непрепознатливост, да нема траги, да нема корен.

Датумот е илузија. Иднината, минатото и сегашноста не се судбина. Ние ги одредуваме. Но, од сега натаму ќе мора да внимаваме многу повеќе, оти има периоди кога не може да се одреди иднината. Не постои датум кога почнува среќата. Нема календар со датум за избори, ни во грегоријанскиот, ни во јулијанскиот. Тие созреваат во нашите глави и сознанија, или не созреваат. Ако прифатиме дека се значајни, датумот се покажува сам. Нема датум за одредување на национална припадност, нема година, месец и час на раѓање на јазикот. Такво нешто не постои, нема таква тапија. Тоа се наслаги таложени со векови во главите на повеќе генерации. Нема точни  датуми за склучување на сојузи, ни со Европа, ни со вселената. Кога ќе стигнеме  таму, тогаш е и датумот.

Пазарењето на Заев и Мицкоски

Залудни се сите аргументи за историската оправданост и нужност нешто да се направи ако тоа не е стасано во свеста, или потиснато од битките за власт, моќ и пари. Нашите политички лидери лицитираат со датумот за избори, за роденденот на националната припадност, за мајчиниот јазик на кој зборуваат, за идентитетот на нашите претходници, но и на современиците. Ни кажуваат кој сме, што сме, каде припаѓаме како на стадо овци.

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, вели изборите најдобро е да се одржат на 14 јуни, Христијан Мицкоски лидерот на ВМРО ДПМНЕ вели не, најдобро е во средината на јули, Заев вели на 21 јуни, Мицкоски вели на крајот на август, Заев може и на 28 јуни… Мицкоски на почетокот на септември, или во октомври…. Заев вели, треба да се спасува економијата, Мицкоски вели, дајте им пари на компаниите, Заев вели, им даваме, Мицкоски вели, ги поткупувате за избори; Заев вели, за контрола ни треба парламент, Мицкоски вели не ни треба, распуштен е, Заев вели, тогаш ни треба вонредна состојба, Мицкоски вели Талат Џафери треба да прогласи повторно избори да почнеме да броиме од почеток… А стадата – што велат стадата? Не велат ништо, само блеат трчајќи зад овните до кланицата.

Што е сигурно, сигурно е

Навистина, знае ли некој кога е најдобро да има избори во Македонија, кога веќе немаме ни парламент, ни политичка влада, па ни вонредна состојба како што пропишува Уставот, а и тој не важи и не се чита како што пишува, ако се суди според она што го гледаме со свои очи секој ден во црквите, во џамиите, на свадби, по улиците во компаниите… Кутра Македонија уште чека да и кажат неколку политичари кога ќе гласа оти тоа нигде во ниту еден закон божем не било запишано како треба. Кому му е потребен датум кој ќе означува нови кавги и омрази, кој ќе покажува патека која не постои, ако истиот товар што го носиме натежне стопати повеќе отколку сега и по изборите кога и да се. Може ли тоа да се издржи?

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ вели не треба да се брои од почеток бидејќи според законската уредба од 21 март по престанокот на вонредната состојба остануваат уште 28 дена додека се наполни рокот од 60 дена што ги предвидува уставот. Уставот е дециден – во рок од 60 дена треба да се одржат предвремените парламентарни избори.

Доколку во тој рок не се одржат изборите и се пробие датумот Уставниот суд може таквите избори да ги прогласи за неуставни. „Уставниот суд тоа најверојатно ќе го направи и тоа е најголемата опасност“, вели професорот Шкариќ. Неговата студентка Тања Каракмишева, професорка која ги надминала учителите, политички и партиски активна, вели нешто во стилот – професорот не знае што зборува.

А, ние што ќе кажеме? Ништо, ќе чекаме да видиме кога ќе биде безбедно, додека не се најде лек, или подобро вакцина против корона вирусот. Кога ќе стасаат вакцините ќе отвориме една жестока кавга на социјалните мрежи колку се опасни по животот. Ќе почекаме, ако не умре никој ќе се вакцинираме и ние. Што е сигурно, сигурно е.

(Линк до колумната овде)