САД за инвестирањето во Македонија: ИКТ секторот е зрел за вложување, корупцијата е главен проблем


Амбасадата во Скопје го идентификуваше ИКТ како сектор во развој, зрел за американски инвестиции

Пандемијата има големо влијание врз македонската економија и способноста да ги апсорбира странските инвестиции, оценува Стејт департментот

 

Македонија продолжува да биде погодна за комерцијални инвестиции на САД, особено во делот на информатичката и комуникациската технологија, но иако водењето бизнис е лесно, а правната рамка е добра, сепак, корупцијата во земјата останува еден од главните проблеми.

Ова го посочува американскиот Стејт департмент во најновиот Извештај за климата за инвестиции во Северна Македонија во 2021 година, во кој детално се анализираат разните аспекти важни за странските инвеститори, како отвореноста и ограничувањата за странските инвестиции, билатералните договори за инвестиции и оданочувањето, правната рамка и транспарентноста на регулативата, индустриските политики, заштитата на сопственичките права, финансискиот сектор, состојбата во државните претпријатија, одговорното деловно однесување, корупцијата, политичкото и безбедносно опкружување, трудовите политики и практики, програмите за осигурување на инвестициите, а опфатена е и статистика за странски директни инвестиции и странски портфолио инвестиции.

„Пандемијата со КОВИД-19 има длабоко влијание врз економијата на Северна Македонија и способноста да ги апсорбира странските инвестиции“, се вели во извештајот.

Притоа се додава дека иако напорите на владата да го пренасочи производството кон неопходни потреби и да ги контролира цените на почетокот на пандемијата во голема мера се завршени, ограничувањата за движење на луѓето и значителното зголемување на невработеноста ја ограничија потрошувачката и ги забавија услугите потребни за отворање бизнис. Во извештајот се додава дека пандемијата нагло го смени економскиот раст на земјата, од пораст на БДП од 3,2 проценти во 2019 до пад од 4,5 отсто лани, а во март владата предвиде дека економијата ќе порасне 4,1 процент во 2021 година.

„Вирусот веројатно ќе има обемни, иако моментално нејасни влијанија врз економијата во 2021 и потоа“, се вели во извештајот.

Притоа, се додава дека големите странски компании кои работат во технолошко -индустриски развојните зони (ТИРЗ) генерално пријавуваат позитивни искуства за инвестиции и одржуваат добри односи со владини претставници.

„Сепак, целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено, а честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентното толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција. Владата генерално ги спроведува законите, но има бројни извештаи дека некои официјални лица остануваат вклучени во коруптивни активности“, се наведува во извештајот, потсетувајќи дека Транспаренси интернешнел ја рангираше Северна Македонија на 111. место од вкупно 180 земји во својот Индекс на перцепција на корупција во 2020 година, што е за 5 места подолу од претходната година и 13 места од претходната година, со 35 поени од можни 100.

Ви извештајот исто така се посочува дека новата влада презеде чекори за подобрување на инвестициското опкружување, како и дека наместо министрите без ресор надлежни за привлекување СДИ, сега работите ги координира Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања со што се поедноставува процесот. Дополнително, во обид да се справи со корупцијата, Државната комисија за спречување на корупција отвори голем број истраги поврзани со корупција, вклучително и оние во кои се вклучени високи функционери.

„Постојат повеќе области што треба да се следат во 2021 година. Во 2020 година, Амбасадата во Скопје го идентификуваше ИКТ како сектор во развој, зрел за американски инвестиции, откако владата неодамна се фокусираше на обезбедување подобри услови за технолошки развој. Локацијата на Северна Македонија е предност бидејќи компаниите сметаат дека нивното производство треба да биде поблиску до потрошувачките центри во Европа по падот на производството предизвикан од пандемијата во 2020 година“, се наведува во извештајот.

Во овој документ детално се анализираат сите важни фактори за инвеститорите, при што меѓу другото се посочува дека привлекувањето странски директни инвестиции останува еден од главните столбови за економски раст и за креирање нови работни места, дека нема закони или практики што ги дискриминираат странските инвеститори, а како земја кандидат за пристапување во ЕУ, Северна Македонија постепено ги усогласува своите правни и регулаторни системи со стандардите на ЕУ.

Сепак, се забележува дека не постои единствен закон што ги регулира странските инвестиции, ниту „едношалтерска“ веб-страница (one-stop-shop) што ги обезбедува сите релевантни закони, правила, процедури и барања за известување за инвеститорите. Наместо тоа, правната рамка е составена од повеќе закони, вклучително: закон за трговски друштва; законот за хартии од вредност; законот за данок на добивка; царинскиот закон; законот за данок на додадена вредност…
Во однос на индустриските политики, во делот посветен на стимулациите за инвестициите, се вели дека и Законот за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Законот за финансиска поддршка на инвестициите нудат стимулации за инвеститорите како даночни ослободувања, потоа дека инвеститорите во ТИРЗ се ослободени од плаќање давачки за опрема и машини, стапката на закуп на земјиштето е симболична, а инвеститорите имаат право на грант еднаков на 10 проценти од трошоците за изградба на постројки и нова машинерија, како и грант за подобрување на конкурентноста.

Законодавната рамка на Северна Македонија за СДИ е генерално усогласена со регулативите на ЕУ за државна помош, се констатира во извештајот.

Забелешки има и во делот за заштита на правата од интелектуална сопственост каде што се вели дека иако Северна Македонија чека датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, таа продолжува да ги усогласува своите закони и регулативи со стандардите на ЕУ, но треба да демонстрира соодветно спроведување на тие закони.
Најголемите забелешки сепак се однесуваат на делот посветен на корупцијата, каде што меѓу другото се вели дека Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници, како и дека не обезбедува посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагите за корупција.

„Многу бизниси кои работат во Северна Македонија, вклучително и некои од САД, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во правосудството“, се вели во извештајот и се додава дека ниту една локална фирма или непрофитна група не обезбедува услуги за проверка на потенцијални локални партнери за инвестиции. Затоа, странските компании често ангажираат локални адвокати, кои имаат познавање на локалните индустриски сектори и пристап до Централниот регистар и деловните здруженија, кои можат да обезбедат финансиски и заднински информации за локалните бизниси и потенцијалните партнери, посочува американскиот Стејт департмент во Извештајот за климата за инвестиции во Северна Македонија во 2021 година. (М.Ј.)