Српската влада донирала „виљамовка“ за дезинфицирање на болница – социјалните мрежи се мајтапат


Виљамовка, корона вирус и Интернет – овие три работи беа доволни за да се запалат социјалните мрежи околу последната одлука на Владата на Србија да им подари 9.196 шишиња од оваа ракија на Црвениот крст и на Општата болница во Крушевац. Сепак, има логично и рационално објаснување за сè, пишува белградски Блиц.

 

 

Општата болница во Крушевац во централна Србија, како и тамошниот локален Црвен крст, ќе ја збогатат својата залиха на средства за дезинфекција – со ракија, и тоа со одлука на Владата на Србија.

Имено, српската влада одлучи да донира повеќе од 9.000 шишиња „виљамовка“, запленета за време на инспекциски надзор во 2005 година.

Веста одекна на социјалните медиуми и предизвика лавина реакции.

Петнаесет години стара ‘виљамовка’ за дезинфекција. Се плашам дека оваа дезинфекција ќе биде од внатрешен вид“, „Штом се донесе одлуката на владата да и подари на болницата виљамовка за дезинфекција, грлото ми се воспали. Каква случајност, се само некои од коментарите.

Но, постои рационално објаснување за донацијата. Емина Тодоровиќ од Црвениот крст во Крушевац објасни дека е договорено со фабриката за алкохолни пијалоци дека тие бесплатно ќе ја преработуваат ракијата во медицински алкохол.

„Имајќи предвид дека на есен најверојатно се очекува нов бран на корона вирусот и дека сигурно ќе има поголема потреба од средства за дезинфекција, оваа помош значи многу за нашиот град, особено затоа што болницата во Крушевац лекува пациенти од целата област, а се гради и КОВИД болница која ќе згрижува пациенти од целиот регион“, рече Тодоровиќ.

Во одлуката на српската влада се наведува дека Црвениот крст и Општата болница во Крушевац ќе ја користат ракијата „виљамовка“ за дезинфекција на работните површини, а колку ќе се добие таков дезинфициенс ќе се види по утврдувањето на количината што остана во шишињата, со оглед дека тие се чувале 15 години, пишува Блиц.