Сретеново е мојот егзил, мојата последна животна станица: Интервју со Игор Џамбазов


Лејла Сабит

Светот во кој живееме е одамна карантин. Се надевам дека ова зло што не снајде ќе не поправи како личности, ќе не направи одговорни граѓани на светот. Ќе не научи да го цениме многу повеќе она што го имаме, ама сме престанале да бидеме свесни за тоа. Семејството, љубовта, пријателите, добрата музика, книги, филмови…сепак се надевам дека од ова зло конечно ќе се роди нешто добро. Нешто убаво, како што вели една моја песна, вели за „Независен“  маестралниот актер, шоумен, писател и музичар Игор Џамбазов.

За љубовта на прв поглед, кој е генијалецот во неговото семејство, зошто ништо во животот не може да не промени толку бргу како стравот, зошто на луѓето им е преку глава од лажни и самопрогласени херои, за кои ѕвезди пишува текстови за новите албуми, можно ли е театар онлајн, и кои две неостварени желби сака да му се исполнат, открива во продолжение на интервјуто.

Зошто се самоизолиравте во Дојран?

– Затоа што среќата е во Сретеново. Сигурно не би се самоизолирал во Дупени, Подмочани или Куратица…хахаха…тука сум затоа што тоа беше љубов на прв поглед. Затоа што е мирно, спокојно катче во кое се чувствуваш како да си на друга планета на која ова короно-зло се уште не пристигнало. Сретеново е мојот егзил, мојата последна животна станица. Кога моите најблиски ќе ми го постават истово ова прашање, како од пушка им одговарам: „Затоа што тука и да сакаш да се заразиш од корона, нема од кого..“

Како ви поминува времето во изолација?

-Прашајте го времето како си поминува со мене….хехехе…тука не станува збор само за физичка изолација од вирусот. Тука станува збор за нешто повеќе. Изолиран си меѓу другото и од сите нонсенси, апсурди, притисоци, лажни вести и останати глупости. Часовите тука поминуваат многу поудобно од кое било друго место кај нас. Денот како да треа цела недела. И имаш време буквално за се. И за прошетки, и за дружба со моите дојрански пријатели, но исто така имам време на претек и за себе, моите мисли, идеи, стихови, песни…сето тоа овде оди како подмачкано. На мојата топ листа на најкреативни места на планетава, Сретеново е во убедливо водство.

Со кого најмногу се слушате?

-Најмногу се слушаме со врапчињата, ластовиците, галебите, кормораните, жабите, се слушаме секојдневно со ветерот кој во овие краишта како да не застанува, како да работи на норма. Искрено, се слушам само со најблиските, а комуницирам со стотици, илјадници луѓе преку мојот Инстаграм профил. Не заборавајте дека јас сум најпознатата машка инфлуенсерка кај нас…хехехехе…

Како е татко ви, маестро Александар Џамбазов?

– Е со татко ми се слушам најредовно. Мислам дека дури тука сфатив дека мобилниот телефон го имам само заради него. А тој пак, за да биде сигурен во квалитетот на нашите разговори, пред да дојдам тука ми подари еден најнов тип на мобилен телефон. Иако не се разбира баш многу во софтвери, апликации, андроиди, тој е еден од најредовните корисници на социјалните мрежи помеѓу нашите пензионери. Добар е маестрото, одличен..Иако годините го навјасаа, неговата желбата за живот, за опстанок, е навистина импресивна. Татко ми Џамбаз е голем уметник и уште поголем човек. Чест ми е што токму тој ме создал…

Се слушате ли со сестра ви Тања? Каде живее и работи сега?

-И таа како да заврши со своето талкање низ животот. Ги менуваше градовите, дrжавите, континентите и конечно се скраси во Сан Франциско. Подалеку од тоа нема. Од Сретеново до Сан Франциско има околу 10.600 километри. Редовно се слушаме и гледаме со помош на камерчето во нашите мобилни телефони. Среќен сум што во последно време почна почесто да доаѓа. Нејзините посети траат по само неколку дена, затоа што капитализмот толку и дозволува. Работи многу, но сепак и ден-денес го живее она за кое што сонуваше. Таа е дефинитивно генијалецот во нашето семејство. Во споредба со неа, ние сме забавачиња…

Што најмногу ви фали од нормалниот живот, а што не?

-Искрено, најмногу ми недостасува слободата на движење, особено тука, на брегот на Дојранското езеро. Ми недостасуваат моите концерти, секојдневната дружба со мојот Гуру Харе, нашите креативни „работни состаноци“ за време на кои настануваат нашите заеднички песни.Ми недостасуваат утринските дружби со мојот посинок, Никола Перeвски – Пере, но и тоа го решивме. Пере се вљуби во Дојран и Сретеново исто колку и јас, па така е чест гостин кај мене. Ми недостасуваат промоциите на моите книги, дружбата со читателите, потпишувањето , нивниот неисцрпен извор на прашања поврзани со мене и мојата кариера. Не ми недостасуваат вестите, изборите, коалициите, сопките, подметнувањата и сето она што е одлика на нашиот единствен менталитет.

Како ги доживеавте коронавирусот, светот во карантин, затворените граници, (квази) солидарноста, седењето дома, како и нашата ниска свест  во  однос на тоа што значи одговорно справување со кризата?

-Светот во кој живееме е одамна карантин. Се надевам дека ова зло што не снајде ќе не поправи како личности, ќе не направи одговорни граѓани на светот.  Ќе не научи да го цениме многу повеќе она што го имаме, ама сме престанале да бидеме свесни за тоа. Семејството, љубовта, пријателите, добрата музика, книги, филмови…сепак се надевам дека од ова зло конечно ќе се роди нешто добро. Нешто убаво, како што вели една моја песна.

Се менуваме ли преку оваа животна лекција и како? Дали нешто во Вас се промени?

-Во мене се промени единствено килажата. А верувам и кај сите други. Седење на едно место, постојано лежење и јадење, јадење, јадење. Ќе ни треба подолго време за да се вратиме во нормала. Се сеќавате на она? „Ние дебелите ќе ослабиме, ама Вие глупавите што ќе правите“?

Дали сте подготвени да влезете во клинч со потполно новиот живот што не чека. Каков нов живот не чека?

-Ништо драматично нема да се смени, освен можеби нашите лоши навики. Па нели е идиотизам на возрасни луѓе да им се објаснува дека рацете морале да се мијат секојдневно? Замислете. Мора баш секој ден? Хехехе…Ништо во животот не може да те промени толку бргу како стравот. Ќе си живееме на дистанца, претпазливо со контактите, маските ќе станат редовен дел од нашата гардероба. А им се смеевме на слатките, мали кинези кои со децении носат заштитни маски секогаш кога излегуваат од дома.

Како човек, и како уметник не се плашевте потполно животно да се соголите, да си ги признаете мааните и пороците. Покажавте од сопствено искуство зошто во животот е најважно и најтешко да се гледате себе си во очи без срам. Дали корона кризата ќе не направи нас Македонците подобри луѓе и посолидарни, или ова го сфаќаме како минлива епизода на оваа планета?

-Не видов ни „С“ од солидарноста. Нашето општество е преполно со индивидуи кои навистина не ја разбираат сложеноста на оваа ситуација, па мртви-ладни се шетаат себе си, своите деца и кучиња во време на полицискиот час. И уво не ги боли што со своите постапки го загрозуваат и здравјето и животот на останатите. Тоа е толку неодговорно, егоистично, нехумано, и ќе треба многу време за да почнеме да рзмислуваме не само во свое, туку во името на сите нас. Менталитетот на еден народ не е расипан автомобил и не одиш на мајстор за да ти го поправат. Менталитетот е нешто што е во нашиот генетски код. А мајстор за такво нешто се уште се нема родено…

Кои се вашите херои на новото време?

-Без многу размислување, тоа се секако медицинските лица. Лекарите, сестрите, медицинските техничари, лаборанти, виролози, но исто така и сите оние кои ни беа на располагање во најтешките моменти…продавачите, аптекарите, комуналните работници, војската, полицијата. Работата е во тоа што кога ќе заврши оваа криза со корона вирусот, а ќе заврши, се плашам дека сите овие луѓе ќе бидат заборавени и повторно вратени таму каде што беа. На маргините на едно неодговорно општество.

Важите за најдобар наш водител на сите времиња, имате долгогодишно големо влијание на публиката. Како се стекнува таква доверба?

-Со искреност.. На луѓето им е преку глава од лажни и самопрогласени херои. Публиката сака да се препознае себе си во тебе и твојата уметност. Да сфати дека и таа, како и ти, се справувате со истите овоземски проблеми. Затоа луѓето ги сакаат моите улоги, книги, песни…се пронаоѓаат во нив. Ете затоа ми веруваат…

Како актер и автор, колку короната влијае на вашата креативност? Дали пишувате карантинска приказна?

-Карантинска приказна не пишувам, затоа што сум сигурен дека тоа ќе го направат многумина. Ја завршувам мојата нова книга, отворен е фајлот и за наредната. Се родија некои нови, чудни блузови, стихови, мисли…едноставно, како сами да се напишаа. Моментално сум најангажиран околку текстовите за новите албуми на Тамара и „Нокаут“, и право да Ви кажам едвај чекам луѓето да го чујат тоа…

Kороната не натера културата и музиката да ги доживуваме онлајн, да чепкаме по архивите на институциите и во меморијата во нашите мозоци. Можни ли се овие две сфери без публика, без сцена? Каква ќе биде културата, според вас, во иднина?

-Театар онлајн? Па Ве молам. Изложба онлајн? Сигурен сум дека оздравувањето од сево ова најтешко ќе оди во театарот. Ние во МНТ моравме да ги прекинеме пробите на новата претстава, и да ја оставиме за некои подобри и поздрави времиња. Имаше дури и предлог и пробите да ни бидат онлајн. Како денешниве ученици. Нема ништо од тоа. На театарот му претстои макотрпна борба за враќање на публиката. Теоретски, уште утре да објават дека вирусот засекогаш си заминал, психолошкиот момент кај публиката ќе биде пресуден. Мислите дека така лесно ќе влезете во театарскиот салон да гледате претстава заедно со уште 500 души кои седат еден до друг и притоа киваат, кашлаат, шмркаат, се смеат гласно? Јас мислам не.

Што прво ќе направите по пандемијата?

-Ќе уживам во животот што ми остана затоа што само тоа ми остана…хехехе…ќе се трудам да направам уште многу вредни работи кои ќе ги сака публиката, да ги дораскажам приказните кои се уште извираат од мојата глава. Затоа што, како што сум напишал во една од книгите: „Не е важно што си можел да направиш во животот, важно е што навистина си направил“

 Имате ли неостварена желба во животот?

-Имам многу. Ама ќе Ви кажам само една. Да останам здрав. И физички и ментално. И ако може фудбалската репрезентација да игра на Европско првенство. Скромно нели? И остварливо. Чувај се, мој народе!