(ВИДЕО) Советот за безбедност не прогласи ни кризна ни вонредна состојба


Советот за безбедност, кој се состана по барање на претседателот Стево Пендаровски, не донесе одлука за прогласување ни кризна состојба на целата територија на земјата. ни вонредна. Можно е Владата, без да прогласи вонредна состојба да го ограничи движењето на граѓаните, рече претседателот Пендаровски оценувајќи ги како прилично широки досегашните мерки.

-На територијата на земјата доследно се имплементираат мерките на СЗО. На седницата присуствуваше министерот за здравство Венко Филипче, кој пренесе позитивни вести во однос на епидемијата со коронавирусот. Во Центар Жупа и Дебар има одлична соработка меѓу полицијата и армијата и локалната самоуправа, а особено признание им оддаваме на граѓаните на овие две општини, кои коректно ги применуваат сите мерки поради прогласената кризна состојба. Министерот информираше и за распоредување на целокупниот здравствен кадар, на сите здравствени работници, изјави Пендаровски.

Пендаровски кажа и дека денеска со официјален допис ОБСЕ/ОДИХР ја откажа мониторинг-мисијата на изборите. Исто така тој извести дека во земјата има резерви на енергенси за шест месеци  и дека, наспроти некои погрешни и лажни толкувања, границите не се затворени и никогаш нема да бидат затворени за снабдување со храна, лекови и енергенси. Како пример го наведе периодот на грчкото ембарго кога границата беше херметички затворена, но не и за лекови.

Тој исто така не се согласи со ставот на спикерот на Парламентот Талат Џафери дека Собранието не може да заседава. Според Пендаровски ова тело е во постојано заседавање, илустрирајќи го тоа со прашањето – а што ако имаме војна, нема да носи одлуки? Околу изборите претседателот оцени дека треба да се одложат.

Инаку, најголемите политички партии денес се согласија денеска дека борбата против коронавирусот е поважна од предвремените парламентарни избори. На средба со  Пендаровски утре ќе разговараат за одложување на датумот на изборите и до кога. За да се одложат веќе распишаните избори на 12 април ќе биде потребно повторно свикување на Собранието и тоа да го укине решението за распишување на изборите. Во меѓувреме, дури и за самите партии не е јасно што ќе се случува со техничката влада.

Сите овие детали се очекува да бидат на маса на утрешната лидерска средба. Додека не се излезе со друго решение, ДИК и понатаму продолжува со законските процедури за организирање на изборите и рокот за верификација на кандидатските листи истекува утре.Но, сепак се ќе зависи од договорот кој ќе ги постигнат политичките лидери на утрешната лидерска средба, на која е повикан и спикерот Талат Џафери од кого ќе се очекува одговор за свикување на парламентот, откако се самораспушти на крајот на февруари.

На сите присутни пред да влезат во кабинетот на Претседателот, им се мереше телесна температура, што еден вид превенција од коронавирусот.