Савески поддржа обвинителка за шеф на Вишото обвинителство која беше во „бомбите“. Изборот пропадна
Имаше четворица кандидати за шеф на Вишото обвинителство. Ниеден не го доби потребниот број гласови. Двајца беа од поранешното СЈО
Пропадна изборот за шеф на Вишото јавно обвинтелство – Скопје откако ниту еден од четворицата кандидати пријавени на конкурсот не го доби потребниот број на гласови од Советот на јавни обвинители. Кандидати беа Фатиме Фетаи, Владимир Милошески, Артан Ајро и Јасмина Костеска-Здравеска (двајца од нив дел од поранешното СЈО). На огласот, всушност, се пријавија седуммина кандидати, но Џељал Бајрами и Трајче Пеливанов се повлекоа, а Александар Маркоски беше унапреден од скопското обвинителство во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, од пријавените кандидати ја предложи Костеска-Здравеска, чие име се споменуваше во „бомбите“ што ги пушташе поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Савески за неа рече дека била обвинител „со интегритет и има вештини и како личност е препознаена во фелата како позитивна и добронамерна, а тоа е важно за една менаџерска функција“.
Изгледа дека за членовите на Советот на јавни обвинители беше важно и дека Јасмина Костеска-Здравеска се споменуваше во разговор меѓу поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во кој зборуваат дека нејзиниот сопруг Вецко Здравески бил партиски кадар, член на Лустрациска комисија, и дека поради неговата партиска послушност неговата сопруга била избрана за обвинителка во скопското јавно обвинителство.
„Таа што сме ја договарале“, „Ја квалификувавме како наша“ „Мажи и у Лустрациска“ и „Наша е, кога ќе го видиш ќе ти текне човекот“, му вели јанкулоска на Мијалков во „бомбата“.
За Костеска-Здравеска гласаа четворица членови на Советот, но не доволно за да биде избрана за шеф на Вишото обвинителство.
Не помина ни Владимир Милошески, кој го затвори случајот со сомнежите за фалсификат на сертификатот на директорот на АНБ, Бојан Христовски. За Фатиме Фетаи имаше мала наклоност. Јавно ја поддржа само еден член, Ермон Незири.
Три гласа доби обвинителот Ајро, а само еден глас обвинителот Милошевски.
Вишото јавно обвинителство има в.д. раководител, Наташа Крстевска Цалева откако оставка поднесе поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, за кого се водеше дисциплинска постапка во Советот на јавни обвинители.