Сонот за власт на Ахмети


ЃОРЃИ СПАСОВ

Проѕирниот сон на Ахмети за што поголема лична власт и влијание сака да го продаде како сон за еднаквост меѓу Албанците и Македонците, како сон во кој ќе му биде подарена таквата функција

 

Еден од најубавите романи на албанскиот писател Исмаил Кадаре е романот „Палата на соништата“. Тоа еден вид дистопија како Орвеловата „1984“ или „Храбриот нов свет“ на Хаксли. За разлика од нив, Кадаре дејствието на романот го сместува во минатото, во центарот за безбедност на Отоманската империја.

Во тој центар се собираат соништата на луѓето од сите делови на империјата и преку анализа на тоа за што тие сонуваат султанот дознава каде ќе има бунтови и дали некој подготвува убиства и било што, со што може да ја загрози стабилноста на империјата.

Денес секако не е потребна „Палата на соништата“ за да се дознае кој што сонувал и кој што подготвува.

Али Ахмети, на пример, самиот кажува дека имал сон најмоќната државна функција во Македонија да ја добие некој негов кандидат за премиер.

Тоа е сон за стекнување на најголемата политичка моќ во земјата за својата партија и не се разликува многу од соништата на другите лидери на партиите.

Но постои една голема разлика.

Ахмети оваа битка за што поголема политичка моќ ја завиткува во обландата на битка за еднаквост и борба против дискриминација.

Неговиот многу проѕирен сон за што поголема лична власт и влијание сака да го продаде како сон за еднаквост меѓу Албанците и Македонците како сон во кој ќе му биде подарена таквата функција само за тој да не прави проблеми и да не ги обвинува Македонците за етнички предрасуди, за дискриминација и за монополизирање на најмоќната државна функција од страна на „македонските“ партии кои освојуваат три до четири пати повеќе пратеници од неговата.

Додека Албанец не станел премиер во Макединија, според Ахмети, ќе останело чувството на дискриминираност на Албанците и само со Албанец премиер ќе се обезбедела лојалноста на Албанците кон државата и ќе сме напредувале така обединети.

Кандидатот на Ахмети  за Албанец премиер веќе најавува дека имал сон сите деца од 5. одделение па натаму да го имаат како задолжителен предмет во училиштата албанскиот јазик за подобро да се разбираме, државната химна да ги има сите етнички обележја, а во Собранието со Бадинтер да се одлучува по сите прашања.

И тоа се убави соништа додека не се издигнат на ниво на уцени и навреди кои  поттикнуваат етничка мобилизација на двете страни и чепкаат по незараснатите рани од 2001 година.

Али Ахмети не треба да заборави или некој треба да го потсети дека од Собранието на Македонија, покрај амнестијата во 2001 година доби амнестија за четирите хашки случаи, меѓу кои беа „Непроштено“, „Мавровските  работници“ и „киднапираните и изчезнатите“. Да не беше милоста на Груевски и на тогашното мнозинство може и него како Хашим Тачи и Кадри Весели сега ќе го бараа во Хаг да му се суди за командна одговорност.

Али Ахмети се осили по 16 години на власт како „премиер на Албанците“ и изгледа заборави дека Охридскиот рамковен договор е истовремено и мировен договор кој го гарантираат со свои потписи САД И ЕУ.

Тој договор мора да го почитуваат двете страни, бидејќи ако не се почитува може да биде загрозен  мирот.

А со договорот тогаш се постигна некаков баланс со кој се задоволуваа основните барања на Албанците, но се дадоа и гаранции за Македонците да не се чуствуваат понижени.

Тие гаранции беа во врска со јазикот, химната, грбот, знамето, лимитирање на Бадинтеровото мнозинство за определен број прашања и гаранција за унитарниот карактер на државата.

И двете страни не беа целосно задоволни со решенијата.

Но секое нарушување на тој баланс, без добра волја од двете страни, ќе води кон закана по мирот. И тие што ќе го прават тоа ќе треба да го објаснат и пред оние што ја гарантираат имплементацијата на тој договор.

Мошне е опасно и е еднакво на воено-хушкачки говор од страна на Ахмети кога вели дека и за добивањето „Албанец премиер“ треба да бидат сите Албанци обединети како во времето на ОНА  и дека еднаквоста во Македонија се стекнувала со крв.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)