Сонот за неработна недела

Клучот за успех на законските измени со кои се прецизира неделата како неработен ден е во нивната доследна примена


Сонот наречен неработна недела конечно се остварува. Тоа во новата 2022 година ќе донесе вистинска револуција во навиките на потрошувачите во Македонија, но и за правата на вработените и за обврските на работодавците.

Дали новите решенија ќе бидат за доброто на целата економија ќе се покаже брзо, откако ќе почнат да се применуваат новините во Законот за работните односи и во Законот за трговија со кои неделата како неработен ден доби јасна правна рамка и прецизни правила кој може, а кој да не работи и под кои услови.

Беа потребни неколку години работниците организирани во синдикати да успеат да реализираат едно од барањата кое тие сметаат дека ќе придонесе за подобрување на нивните права, како и за нивна поголема мотивираност во процесот на работа. Неделата како неработен ден е можеби мал чекор за целиот тој пат, но секако голем за работниците кои очекуваат поголемо почитување на нивните права.

Се разбира, овие аргументи тешко дека ќе можеа да ги убедат пратениците да гласаат за ваков или сличен предлог, доколку не се поклопеа интересите на синдикатот со визијата на актуелната социјалдемократска влада која таквото барање го стави како свое предизборно ветување коешто успеа да го реализира.

Темата за правата на работниците е стара веројатно колку и самото капиталистичко општество. Кај нас таа се наметна особено во годините на транзицијата кога придобивките од времето на социјализмот, по сила на новите општествено-економски односи, полека се топеа на штета на работниците.

Затворањето на големите индустриски капацитети, неуспешната приватизација, немоќта на политичките елити да воспостават систем на владеење на правото и уште еден куп други фактори дејствуваа како цунами врз најелементарните права на работниците за достоинствени услови за работа и за примања што ќе им овозможат колку-толку пристојна живеачка.
Непочитувањето на основните стандарди за работно време, за редовна исплата на плати, за условите на работното место и гледањето низ прсти од страна надлежните за таквите злоупотреби толку го девастираа системот што одеа на штета и на оние компании и работодавци кои настојуваа да работат чесно, ставајќи ги во неповолна положба на пазарот.

Иако работите се менуваат на подобро, сепак брзината и динамиката со која што тоа се прави ни од далеку не е доволна. Некои тоа го правдаат со нивото на економски развој, со понудата и побарувачката за работна сила, но веројатно поблиску до вистината се оние кои тоа го објаснуваат со недостиг на политичка волја и со она што се подразбира под правна држава.
Не треба да се занемари и фактот дека ваквите крупни новини се носат во еден исклучително чувствителен момент – економската криза предизвикана од пандемијата и натаму трае, неизвесноста е уште поголема со пробивот на новата Омикрон варијанта на корона вирусот, а згора на сѐ тука се и заканувачката инфлација и енергетската криза.

Бизнисот предупредува дека вака како што е скроен, Законот ќе им предизвика дополнителни проблеми, дека во некои дејности ќе дојде до нарушување на производствениот процес, дека ќе се намали конкурентноста на нашите компании… Дел од овие забелешки доаѓаат од странските компании во државата кои целосно ги исполнуваат своите обврски кон вработените, вклучувајќи ги и зголемените дневници за работењето во неделите и за прекувремена работа .
Од Стопанската комора одат чекор понатаму – тие најавија дека Законот ќе го оспорат пред Уставен суд, бидејќи според нив има многу неуставни елементи, како и дека не смее да се запрат производствените процеси бидејќи така одредени индустрии ќе претрпат сериозни загуби, и додека се подготви производствениот процес ќе се изгубат не еден туку два дена во седмицата.
Една од забелешките, пред сѐ на трговците, е дека на ваков начин ќе се намали прометот во трговијата и дека ќе бидат принудени да отпуштаат вработени.

Сите овие предупредувања треба да се имаат на ум и будно да се следат ефектите од спроведување на Законот, особено имајќи предвид дека потрошувачката е еден од клучните двигатели на економскиот раст кај нас. Исто така, спроведувањето на Законот ќе биде и вистински тест за државните институции коишто не смеат да дозволат неделата како неработен ден да се претвори во дополнителен стимул за сивата економија, односно наместо за одмор таа да се користи како можност за дополнителни приходи, згора и неоданочени. А, такви дејности, особено услужни има на претек.

За разлика од бизнисот, синдикалците не го кријат задоволството од постигнатото – од таму укажуваат дека до усвоеното решение беше дојдено по пат на социјален дијалог во кој беа вклучени трите партнери – Владата, работодавците и синдикатите, како и дека ова претставува „одличен пример за унапредување на работничките права преку создавање на правна рамка за почитување на демократските вредности“.

Всушност, клучот за успех на ова законско решение е токму во неговата доследна примена. Во спротивно, наместо унапредување на работничките права, што е предуслов за мотивиран работник и што треба да резултира со економски придобивки за сите – и за вработените и за нивните работодавци, може да се претвори во дополнителен поттик за оние кои таквите права најмногу ги газеа во текот на транзицијата да продолжат да го прават тоа и натаму.

А, потрошувачите? Тие веројатно најлесно ќе се приспособат, освен можеби вистинските зависници од шопинг. За нив, законот не предвидува ништо.