Социјалистите и либералите го исфрлија Вебер од трката за претседател на Европската комисија
Шефовите на Социјалистите и демократите (СиД) и центристичката Обновете ја Европа му кажаа на водечкиот кандидат на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, денеска изутрина дека нема мнозинство за да го поддржи него за функцијата претседател на Европската комисија, изјавија извори за „Еурактив“.
„Двете групи ќе продолжат со работата на Стратегиската платформа и ќе продолжат со добрата соработка со Манфред Вебер како шеф на групата на ЕПП во Европскиот парламент“, изјави истиот извор откако водачите се состанаа и дебатираа за ова прашање претходно денеска.
Според изворите, претседателот на групата СиД, Ираче Гарсија и романскиот експремиер Дачијан Чиолош, кој е лидер на Обнови ја Европа, новоформираната центристичка група во парламентот му ја кажале својата одлука на Вебер утринава.
Претходно, социјалистички европратеник кој побара да бидат неименуван, рече дека има заедничко разбирање со либералите и со зелените дека Вебер не треба да биде кандидат.
Како дополнение, на маргините на денешниот Самит на ЕУ во Брисел, францускиот претседател Емануел Макрон се состана со шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез и португалскиот премиер, социјалистот Антонио Коста. Макрон отворено се спротивстави на кандидатурата на Вебер, како и Португалецот Коста на Самитот на 28 мај.
„Либералите и социјалдемократите формално му кажаа на лидерот на ЕПП дека нема да ги добие нивните гласови“, изјави шефот на зелените на прес-конференција, Филип Ламберт. Тој уште изјави дека неговата група уште не донела одлука за Вебер.
Дачијан Чиолош од либералите исто така потврди дека Вебер нема поддршка од двете групи. „Во овој момент нема мнозинство за Вебер“, рече Чиолаш и изјави дека неговата група останува зад кандидатурата на еврокомесарката за конкуренција, Маргрет Вестагер.
Друг извор рече дека има две опции за денешниот Самит на ЕУ. Лидерите ќе одлучуваат позитивно или негативно за процесот на „водечки кандидат“ или ќе дадат еднонеделно одложување за да му дозволат на Европскиот парламент да преговара за следната коалиција.