Со ултиматуми и цинизам не се стигнува до партнерство


ЃОРЃИ СПАСОВ

Ултимативниот тон и циничниот аргумент на Ахмети ги подгрева националистичките страсти во земјата, поттикнува на етничка мобилизација на другата страна за обединувања

 

Откако амбасадорката на САД во нашта земја, Кејт Брнз му го честита добиениот мандат на Зоран Заев за состав на влада, се чини дека Али Ахмети ќе олабави со политиката која се сведуваше на ултиматумот „Или Албанец премиер сега, или нови избори, се додека не се случи тоа“.

Тој веќе изјави дека ако некој му објаснел „зошто да  не Албанец за премиер сега и веднаш, тој сериозно ќе го земел предвид тоа при продолжување на разговорите за состав на нова влада“.

Па, еве, неколку аргументи од мене што ми се чинат релевантни.

Прво:  Никој во Македонија не спори дека секој граѓанин со избирачко право од која било националност еден ден може да се кандидира и да биде претседател на владата, независно од неговата етничка или религиозна определба.

ДУИ таквата легална и уставна можност ја претвори во „изборно ветување“ со паролата „Албанец за премиер“ кое значеше: ако добиеме можност од нас да зависи формирање на влада, ќе се бориме за претседател на таа влада да биде Албанецот  Насер Зибери. Со тоа ветување, кое беше ставено во обландата за целосна рамноправноста на Албанците, односно „за уривање на последниот монопол на Македонците на позицијата претседател на владата“, ДУИ успеа да освои доволно пратенички места за да може да преговара за состав на нова влада.

Распоредот на силите во Собранието ДУИ го доведе и во привилегирана позиција да каже дека ако не биде прифатено нивното барање за  Насер Зибери да биде претседател на владата, тогаш е можно никој да не состави влада и да се оди на нови избори.

Кога веќе барањето станува еден вид ултиматум кон сите други партии, тогаш тоа реално се доживува како уцена зад која се крие пораката од страна на партија со само 15 пратеници која гласи: „Не сакаме влада предводена од Заев, Мицкоски, некој друг Македонец, Турчин, Србин, Влав Ром или Евреин, туку само влада со Албанец премиер и тоа сега и веднаш. И тоа од хумани причини. Бидејќи само тоа ќе донесе поголема стабилност, рамноправност  и ослободување на Македонците од нивните етнички фрустрации“.

И токму тој ултимативен тон и циничен аргумент ги подгрева националистичките страсти во земјата, поттикнува на етничка мобилизација на другата страна за обединувања за да им се стави крај на уцените и наспроти тврдењето на Ахмети дека ДУИ е фактор на стабилност во земјава сериозно ја доведува во прашање токму стабилноста.

Второ.  Мендух Тачи беше многу јасен кога од парламентарната говорница рече дека ДУИ може да си припишува колку сака заслуги за промените што се случија во мандатот на Заев, но без храброста на Заев, без неговата  визија и решителност Македонија немаше да стане ниту членка на НАТО ниту ЕУ да донесе одлука  за започнување разговори за полноправно членство во ЕУ.

Заев како премиер во еден многу кус период од 2016 до денес стана симбол за промените што се случија на планот на евроинтеграциските процеси но и во унапредувањето на јазичката рамноправност на Албанците. Сето тоа го направи со свест дека презема голем политички ризик врз себе и дека по обидот за негово убиство во Собранието, откако предложи и избра Албанец за претседател на Собранието, мора да го победи македонскиот национализам за излез од меѓународната изолација во која беше заглибена земјата од 2008 до 2016 додека на власта беа Груевски и Ахмети.

ДУИ за време на изборната кампања говореше дека во време на мандатот на Заев партијата ги остварила клучните програмски одредници од својата програма.
ДУИ и Ахмети се веројатно свесни дека во влада со Заев на чело ќе продолжи успешно остварувањето на веќе започнатото меѓународно интегрирање на Македонија.
И оттука не е сосема јасно зошто Ахмети решил со кампањата Албанец за премиер да го детронизира Заев односно да го смени од функцијата човекот кој по сите критериуми е најзаслужен за она за што се залага и ДУИ.

Првата помисла е дека му завидува на угледот и меѓу Албанците, дека не може да се помири со фактот дека Заев е најзаслужниот за евроинтеграциите а не ДУИ, дека му пречи кога Заев ќе каже дека тој а не ДУИ им ја обезбедил и јазичната рамноправност на Албанците и дека не може да му прости на Заев што има граѓанска партија за која гласаат и Албанци и што во време на кампањата говореше дека е здраво за ДУИ по 18 години во власта да оди малку во опозиција.

Но секако има влијание и фактот што албанската опозицијата оправдано го обвинува дека зад неговото изборно ветување се крие и изборна измама, која тој ќе мора да ја признае  ако не успее со својот ултиматуми или  ќе мора да ги поддржи партиите на етничките Албанци од опозицијата да формираат влада.

Врз основа на сето тоа, станува јасно дека  приказната за Албанец премиер нема врска со остварување на целосна рамноправност на Албанците туку е алатка и обид на Ахмети за отстранување на Заев од премиерската функција со класична уцена.
По изборите, целата програма на ДУИ  се сведува на тој срамен обид за смена на Заев    а за таа своја „лична одмазда“ Ахмети бара подршка и од другите партии на Албанците.

Оваа игра на Ахмети секако е далеку од обичен хир на лидер на партија со 15 мандати во Собранието завиткан во обландата за „целосна рамноправност на Албанците“.
Етничката мобилизација која ја поттикнува Ахмети со обвинувања за дискриминираност на Албанците и за етничка фрустрираност на Македонците, налева вода на сите национализми во земјава и води кон нови поделби и судири кои немаат врска со неговата прокламирана политика за европеизација на земјава.
И оттука тоа станува прашање за САД и за ЕУ кои се потписници на Охридскиот рамковен, но и мировен договор. И можеби оттаму стигна брзата честитка од Брнз за мандатот на Заев.

Трето: Не е јасно зошто е толку итно остварувањето на оваа желба за Албанец премиер  кога веќе тоа била идеја на ДУИ од 2009 година која партијата не можела да ја реализира во време на коалицирањето со Груевски. Зошто токму сега, кога постои политички лидер на партијата која освои најголем број мандати, со голем меѓународен углед и кој е најголема гаранција и за спроведување на програмските определби и на ДУИ, таа партија да бара сепак еден нотар на кого и според законот за нотари му е забрането политичко ангажирање да стане премиер.

Кога некоја од партиите што освоија над 40 пратеници во Собранието би прифатила во вакви услови и под ваков притисок Насер Зибери да биде премиер, дури и ротирачки, сосема е јасно дека таа ќе ги изгуби катастрофално веќе следните локални и парламентарни избори. Не е можно дека тоа не му е јасно на ДУИ. Прашање е само дали им е сеедено. ДУИ очигледно не прави разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, независно од суштествената разлика во нивните програми. И оттука СДСМ ова инсистирање за Албанец премиер сега и веднаш го чуствува најмалку како неблагодарност од страна на ДУИ и на Али Ахмети.

Понекогаш лидерите на партии треба да помислат и до какви последици можат да доведат нивните идеи, дури и кога сметаат дека се најдобронамерни. Дали ќе си ги влошат односите со личности и партии кои и ним им помогнале да ја демонстрираат својата евроатланска приврзаност или со нив и натаму ќе соработуваат. Ова е особено важно за оние лидери и партии што себеси се сметаат за фактор на стабилноста во земјава.

По честитката за добиениот мандат од Кејт Брнз мислиам дека и претседателот Пендаровски не ќе мора да се смрзнува од страв од Христијан Мицковски заради најавата дека по овој чин неговата партија ќе ги замрзнела односите со него. ВМРО- ДПМНЕ всушност одамна ги има смрзнато своите односи со Грција, со Бугарија, со лидерите на сите албански партии во Македонија, со СДСМ,  со опозиционерите во своите редови и со сите клучни играчи на меѓународната политичката сцена, па ова и нема да биде некое изненадување или херојски потег што ќе се памети, особено ако дојде на ред и Мицкоски да формира влада сега или во мандатот на Пендаровски.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)