Со ѕвездите од Турција сме пријатели со кои разменуваме искуства: Интервју со Сузан Акбелге, актерка

Она што може театарот да ви го понуди и како актер и како гледач не може филмот и обратно. Поради брзиот инстант начин на живот денес веќе е многу полесно да се доближи до публиката преку ТВ екраните,вели актерката Сузан Акбелге во интервјуто за „Независен“


Дали животот е сон? Дали сонот е живот?  Зарем битисувањето на сцена не е сонување со очи ширум отворени, се прашуваше нашата соговорничка, актерката Сузан Акбелге (48) , лани, како  авторка на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот. Сега, една година подоцна, е актуелна со ликот на Елена во нова турска-хит серија „Балканска приказна“ која се снима во Скопје и низ Македонија, а која од јуни е меѓу најгледаните на ТРТ1. Претходно, Акбелге глумеше и во турската ТВ серија „Збогум Румелија” .

Серијата го привлекува вниманието и на домашната публика кај нас во Македонија, не само со својата искрена, срдечна и весела приказна за две семејства кои живеат во Скопје, но и со својата маестрална актерска екипа.„Balkan Ninnisi“ или „Балканска приказна“, е една од најамбициозните продукции од Турција снимена во странство по долги години, по сценарио на Угур Узунок, сценаристот на „Долина на волците“. 

За ликот на Елена, за снимањето, за изборот театар или филм, и за идните планови, во продолжение на интервјуто за „Независен“. 

Го глумите ликот на Елена, мајката на главната хероина Јованка, која со главниот машки лик Ертан се сакаат до смрт, но нивната љубов е недозволена од семејствата. Каков лик е Елена, и колку во градењето на улогите ги почитувате инструкциите на режисерот, а колку давате личен печат?

– Eлена е достоинствeна, амбициозна, успешна, одговорна и авторитетна жена. Пред се, е мајка која се грижи за своето семејство, потоа жена сопственик на фирма. За да биде успешна на сите полиња таа мора да биде дисциплинирана и прецизна. Таа е жена која не признава пораз. На самиот почеток кога се уште го градам ликот највеќе ги следам инструкциите на сценаристот и режисерот. Но со текот на времето кога ликот почнува да живее во мене односно да размислувам од ликот (карактерот) тогаш сметам дека ќе можам да си давам за слобода да направам нешто свое.

 

Како ве избраа за оваа улога?

– Пред половина година продуцентот во исто време и сценарист, господинот Угур Узунок го посети Турскиот театар во Скопје. Тој тогаш имаше прилика да не запознае и да ни наговести дека се планира еден ваков проект за Турската национална телевизија ТРТ1 во кој би сакал да учествуваме. Веднаш потоа следеа кастинзи и разговори каде се прецизираше ликот Елена. Среќна сум што заедно работиме на овој проект со моите колеги од Турција, но пред се со колеги од Македонија.

 

Како тече снимањето?

– Се уште сме во фаза на запознавање и прилагодување со колегите, ликовите, дијалектот, сценариото, планот на работа и времето кое не притиска си го прават своето. Па поради тоа сега се уште е стресно и многу заморно. Но после неколку епизоди ќе почне да станува и забавно. Искрено верувам во ова и го очекувам.

 

Како е да се глуми со колеги, ѕвезди во Турција?

– Досега имам соработувано со дел од колегите од Турција. Јас лично не ги доживувам како ѕвезди, повеќе како мои колеги, пријатели со кои можам да соработувам и да разменувам искуства .

Имате ли, како гледач, омилена турска серија? 

– Турција е богата земја по квалитетни филмови и ТВ серии. Од сериите коишто досега ги имам гледано, а се во турска продукција можам да ги издвојам  “ŞAHSİYET”, “ BİR BAŞKADIR” и “UYSALLAR “ како омилени.

 

Работевте со исклучителни режисери кои ви даваа можност јасно, емотивно длабоко и интимно да ги одиграте улогите.  Освен сцената на Турскиот театар (некогаш Театар на народностите) ги истражува(в)те и другите сцени. Дали актерот, го има тој комодитет, да избира дали повеќе ќе игра на “штиците кои живот значат“ или на филмското платно спреку кое полесно се доаѓа до слава? Што е пресудно?

– Мислам дека е личен избор. Она што може театарот да ви го понуди и како актер и како гледач не може филмот и обратно. Поради брзиот инстант начин на живот денес веќе е многу полесно да се доближи до публиката преку ТВ екраните. Но сите знаеме дека театарската магија односно директниот контакт, интеракцијата, помеѓу актерот и публиката кој што се случува во истиот миг е единствена и незаменлива форма .

 

Лани, бевте Авторка на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот. Велите, кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина. Која е улогата сега на актерот, и на театарот, воопшто?

– Театарот мора да се движи во чекор со времето и да ја обработува сегашноста, без обзир на тоа дали нам ни се допаѓа или не. Театарот како и актерот се уште ја носи одговорната задача да биде будното око на општеството, да коментира без цензура, да наоѓа нови начини и форми на изразување, да ја негува вистината, убавината, љубовта и естетиката.

Каков е вашиот став кон наградите? Ве менуваат или ви даваат поттик за понатаму?

– Се радувам кога ќе ги добијам но брзо ги заборавам поради мотивацијата и одговорноста за следните успеси кои ме чекаат, чекорејќи кон нови проекти.

 

Родена сте во Германија, и го живеевте животот на релација Германија, Турција и Македонија. Не посакавте кариера, надвор од границите на Македонија?

– Имав неколку обиди додека се уште студирав на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, бев втора година на студии и сакав да продолжам во Германија . На нивниот факултет не ми ги признаваа веќе положените испити од изминатите две години па поради тоа решив да продолжам во Скопје. Имав обид да одам и во Анкара на дообучување околу турскиот јазик и актерството но тогашниот директор на театарот не ни даваше дозвола за било какво отсуство. Многу подоцна се вработив во Турскиот театар и кариерата продолжив да ја градам тука во Скопје.

 

Од 2000 год. сте ѝ помлад асистент по сценски говор со техника на глас на Факултетот за Драмски уметности во Скопје. Сакате да работите со студенти или едноставно, сте љупопитна по дух?

– Сум љубопитна по дух , сакам да истражувам , сакам да учам нови нешта , но сакам и најсреќна сум кога несебично и безрезервно го пренесувам моето и знаењето на моите професори на студентите и помладите колеги.

 

Која е Сузан Акбелге приватно ? Со кого се дружите и како ги полните батериите?

– Сузан приватно е личност која не би можела да го замисли својот живот без музика, танц, спорт и возење велосипед, трчање, качување по планини, јога и се она што го буди телото и умот. Сакам долги прошетки во природа, садење цвеќиња, плетење, хеклање, подготовка на здрава храна и неколкумина луѓе без кои не би можела.

Каде ја гледате иднината?

– Во моментов сум максимално насочена на серијата „Балканска приказна“ оживувајќи ја Елена како карактер и искрено верувам дека заедно со колегите и тимот којшто работи на серијата ќе успееме да го одржиме успехот и рејтинзите. Тоа значи и многу нови епизоди овде од нашето Скопје. Како што и претходно напоменав, сум љубопитна личност и оставам на времето да покаже за моите идни проекти.