Со доделување на наградите и претставата „Црно злато на „Београдско драмско позориште“ ќе заврши 60 МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп


 Жирито на 60 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, деенска напладне ќе ја соопшти одлуката која од 9-те претстави во официјалната програма е најдобрата на јубилејното фестивалско издание. Интернационалното жири во состав: Аида Буквиќ, Снежана Коневски Руси и Дарко Лукиќ изборот ќе го направат од претставите: „Мачкина глава на Драмски театар, „Црнила“ на прилепскиот, „Калигула“ на кумановскиот театар, „Челинџ“ на Театарот за деца и младинци, „Случајна смрт на еден анархист“ на штипскиот театар, претставата  Амадеус“ на турски, „Носорози“ на албански театар, „Страв и надеж на МНТ и „Едмонд“ на битолскиот театар. 

Наградите на најдобрите ќе им бидат доделени вечер од 19 часот кога е затворањето на Фестивалот. Во чест на наградените Београдско драмско позориште че ја изведе претставата „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски кој годинава на фестивалот беше автор во фокусот.

Синоќа публиката на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја виде последната фестивалска претстава во официјалната програма. Претставата „Едмонд“ од Дејвид Мамет во режија на Оливер Мицевски. 

На разговорите на тркалезната маса веднаш по претставата, модераторот, театарскиот критичар, Звонко Димоски, оддавајќи му почит на неодамна, прерано починатиот режисер Мицевски, рече дека претставата на битолскиот автор отвора многу важни прашања за современиот театар. 

– Претставата ги отвора прашањата колку далеку може да оди интерпретацијата, што сè може да каже телото кога зборот веќе не е доволен и дали токму ваквите ризици го создаваат она што годинава го нарекуваме – храбар нов театар. Режисерот Оливер Мицевски е пример за авторска интерпретација што свесно го напушта реализмот на Дејвид Мемет и го претвора неговиот текст во психофизички ритуал на отуѓувањето, свесно впуштајќи се во ризик: го напушта урбаниот контекст, ги елиминира физичките контакти, ги ритуализира дејствијата и го претвора телото во главен носител на значење. Мицевски создава свет без реалистичка географија, без непосреден физички контакт и без психолошки објаснувања. Наместо тоа, на сцената гледаме изолирани фигури, тела што зборуваат преку тикови, грчеви, повторувања и внатрешни импулси. Тоа е режија што бара голема храброст, рече Димоски.

Директорот на битолскиот театар Васко Мавровски нагласи дека на целиот ансамбл му е жал што преку претставата „Едмонд“ тоа беше прва и последна соработка со режисерот Мицковски кој зад себе има плодна работа на меѓународните театарски сцени.

– Првичната идеја на Мицевски беше да го работиме Ибзен, но добивме минимални средства  и решивме да го работиме делото на Дејвид Мемет. Театарот по дефиниција значи храброст. Да се занимаваш со театарската уметност е храброст. По реакцијата на фестивалската публика сметам дека многу сме постигнале со претставата. Жал ми е што е ова прва и последна соработка со режисерот Мицевски, рече Мавровски. 

Главниот актер кој го толкува Едмонд, Огнен Дранговски беше физички статичен лик, но полн со сите емоции, насоител на дејството. 

– Уште во почетокот режисерот рече дека сака да работи претстава со лик кој е статичен. Јас многу истражував за во секоја ситуација на дејството да ги сфатам и пренесам реакциите на ликот кому по отуѓувањето во бракот, светот целосно му се променува за на крајот да заврши во затвор за убиство. Работата со Мицески ми остави длабоки впечатоци, рече актерот Дранговски.

Годинава фестивалот „Војдан Чернодрински“ донесе 9 претстави во официјалната, четири во придружната програма, преку трибини и панел дискусија отвори важни прашања за состојбите во театарската уметност и современоста на театарот, промоции, разговори на тркалезната маса за претставите, автор во фокусот, театарска уметност за најмладите.  Годинашново мото беше „Храбриот нов театар“.