„Страв и надеж“ на МНТ е најдобра на МТФ „Војдан Чернодрински“, пет награди за прилепскиот театар со „Црнила“
Претставата на МНТ, „„Страв и надеж“ според Франц Ксавер Крец е најдобрата претстава во целина на годинашниов, јубилеен 60 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој вечер завршува во Прилеп. Прилепскиот театар со претставата „Црнила“ се закити со пет награди, меѓу кои и за најдобра режија за Дејан Пројковски.
Жирито во состав Снежана Коневски Руси, претседател и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ во Прилеп ја соопшти својата одлука за најдобрите театарски остварувања на Фестивалот.
Дејан Пројковски ја понесе наградата за најдобра режија за претставата „Црнила“ на прилепскиот театар кој доби уште четири награди: награда за надобра главна машка улога која од годинава го носи името на Кирил Ристоски, а ја доби актерот Димитар Ѓорѓиевски, наградата за млад актер која ѝ припадна на Сара Спиркоска за улогата на неда во претставата, наградата за сценографија за Валентин Светозарев и наградата за најдобри костими во претставата „Црнила“ за костимографот Марија Папучевска.

Жирито реши наградата за најдобра главна женска улога да ѝ ја додели на Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“ на турски театар.
Билјана Драгичевиќ Пројковска ја доби наградата за најдобра женска епизодна улога во претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар од Скопје. Актерот Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во истоимената претстава на турски театар е добитник на наградата за млад актер „Трајко Чоревски“. Наградата за најдобра музика „Филип Стевановски“ ја понесе Ирена поповиќ Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“ на МНТ.
Жирито реши да не додели награди за современ драмски текст, за современа сценска драматизација и адаптација, за кореографија и сценски движења и за рекламен материјал.
-Ги гледавме сите сегменти кои се дел од еден проект. Ги гледавме големината на ансамблот, изборот на репертоарниот текст, односот на режијата спрема елементите на претставата, поставеноста на костимографијата и сценографијата во концептот на претставата. Кога сето го зедовме предвид, тогаш решивме дека претставата на националната театарска куќа е највпечатлива во целина, образложи членот на жирито Дарко Лукиќ.
Сара Спиркоска, добитничката на наградата за млад актер од претставата „Црнила“ на прилепскиот театар се чувствуваше возбудено и благодарно што ѝ беше дадена можност да работи на сцената и да се вложи во улогата на Неда.

-На фестивалот, покрај во официјалната програма, бев присутна уште во два проекти во претстави од придружната фестивалска програма. Возбудена сум, уште не сум ги средила впечатоците. Особено сум среќна зашто знаеме колку е тешко еден невработен актер да биде толку активен, рече Спиркоска.
Михајло Миленкоски, раководителот на прилепскиот театар кој има екипа, но нема зграда и се надева дека ќе ја добие својата театарска куќа, емотивно се заблагодари на петте награди кои се потврда дека њубовта кон театарот значи многу, без разлика што театарот во мометот нема „дом“.
-Добивме „чиста петка“, како награда на нашата работа. Зградата не прави театар, туку луѓето. Се додека има луѓе, актери, технички персонал, кои работат со љубов, ќе има театар. И секако публиката. Нашиот театр има затворање од правен аспект, но нашиот театар воскреснува, рече Миленоски.
Директорката на фестивалот Ана Стојаноска на која ѝ истекува мандатот, порача до театрите да ги земат за работа текстовите на македонските автори.
-Ајде директорите на театрите, продуцентите да бидат похрабри, да поставуваат македонски драми. Ги имамер. Само во „Драмолетање“ имаме 7 драмски текстови. Претходно на конкурс на министерството за култура беа избрани уште три драми. Значи имаме 10. Ние само треба да направиме добра стратегија за да ги покажеме тие драми, рече Стојаноска осврнувајќи се на тоа дека жирито не додели награда за современ драмски текст.
Со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски, а во изведба на Београдско драмско позориште, вечер во Прилеп ќе биде затворен јубилејниот 60 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.