Со претставите „Едмонд“ на Битолски и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ се затвора програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп


Со последните претстави во официјаната и во придружната програма, и со панел дискусија денеска ќе се заокружи програмата на јубилејниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.

Од 17 часот е панел дискусијата насловена „На работ зад сцената: менталното преживување во театарот“. 

Вечер од 19 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, публиката ќе ја види последната од деветте претстави во официјалната конкуренција. Тоа е претставата „Едмонд“ од Дејвид Мамет во режија на Оливер Мицевски, а во продукција на Битолски театар.  

Од 21 часот на сцена 105 е и последната претстава во придружната програма, претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс во режија на Тамара Стојаноска а во изведба на Театар „Златен Елец“ од Скопје.

Македонскиот народен театар на фестивалот синоќа се претстави со „Страв и надеж“, по мотивите на Франц Ксавер Крец во режија на Татјана Мандиќ Ригонат. На тркалезната маса за претставата зборуваа директорот на МНТ, Никола Кимовски, режисерката Татјана Мандиќ Ригонат, актерките Наталија Теодосиева, Дарја Ризова и Нела Павловиќ. 

Модераторот Милош Б. Андоновски ја пофали актерската екипа, која имаше важна задача во претставата со фрагментарна драматургија. Тој посочи дека на претставата ѝ недостигаат амплитуди, односно дека смета дека сцените се развлечени.

Режисерката Мандиќ Ригонат објасни дека е воодушевена од реакцијата на публиката и дека храбро е што денес МНТ го поставил овој автор прв пат, а текстот е напишан во 1984 година и станува збор за хиперреализам. Темите на невработеност, на маж што изгубил работа и како се носи со тоа, за сите аномалии на општеството денес, за осаменоста, за луѓето што се плашат да бидат блиски со други луѓе. 

-Храбро е овој автор да биде поставен во МНТ, и по повеќе од 40 години откако е напишан текстот, а зборува за сите проблеми што и денес се актуелни. Сите ние имаме потреба да мислиме дека проблемите се само таму некаде, дека не не’ засегаат – рече режисерката Мандиќ Ригонат

Актерката Наталија Теодосиева истакна дека поголем предизвик и боло кога требала да зборува брзо, односно логореично и конфузно.

 -За мене беше потешко кога требаше да се спремам за делот во кој зборувам логореично. Мојот лик се бори со осаменоста. 

Павловска истакна дека најголем предизвик на сцена и биле сцените со монолог, кога им зборува на празните столчиња.

 Директорот на МНТ, Никола Кимовски најави дека од 1 септември, во МНТ ќе почне да работи режисерот Слободан Унковски, кој ќе го постави текстот „Црно злато“ од Дејан Дуковски, автор во фокус на фестивалот.