„Силјан“ на Тамара Котевска ја освои и FIPRESCI наградата од меѓународната филмска критика
Филмот „Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска ја освои FIPRESCI наградата на 66. Krakow Film Festival во Полска.
Станува збор за признание што го доделува Меѓународната федерација на филмски критичари, една од најрелевантните професионални организации во областа на филмската критика. Наградата има особена тежина бидејќи доаѓа од меѓународната критичка јавност и претставува признание за авторската вредност, филмскиот јазик и уметничката сила на делото.
Со ова признание, „Силјан“ продолжува да го надградува својот меѓународен успех и силниот фестивалски одек што филмот го остварува на светската сцена.~
FIPRESCI наградата на Krakow Film Festival е уште една важна потврда за позицијата на Тамара Котевска како еден од најпрепознатливите современи авторски гласови од Македонија, но и за присуството на македонскиот документарен филм во меѓународниот филмски контекст.