Со што ѝ се заканува Путин на Македонија?

Рускиот амбасадор се обиде методите на неговата држава да ги примени во Македонија и со застрашувања да ја спречи нашата реакција за она што се случува во Украина


МНР вчера му врачи протестна нота на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин. Освен што Москва ја прогласи Македонија за непријателска држава бидејќи не ја поддржува нивната „специјална операција“ за убивање Украинци, амбасадорот јавно предупреди дека сите што ќе покажат изливи на русофобија ќе бидат внимателно евидентирани и за нив ќе следи правна постапка. Од кого и како, не се знае, но ваквата дрска објава од страна на министерот Бујар Османи беше оценета како што заслужува – како класична и недипломатска закана.

Преведено на обичен јазик, рускиот амбасадор се обиде методите на неговата држава да ги примени во Македонија и со застрашувања да ја спречи нашата реакција за она што се случува во Украина. Иако нападите на руските амбасади и граѓани не можат да се оправдаат, има дипломатски начини како тоа да се пренесе до институциите, без да се вперува прстот во Македонија за нецивилизираната воена агресија што си ја дозволи државниот врв на Русија.

А, факт е дека Москва, односно нејзиниот лидер Владимир Путин, деновиве го прави тоа што најдобро го знае – манипулира, се заканува и уценува. Фотографиите на убиените цивили и деца, на милионите бегалци и раселени, на илјадниците разурнати домови, на милијардите евра штета и воопшто стравичните сцени од Украина треба да не уверат дека тоа што се заканува, го остварува. Дека ќе ја нападне секоја држава која ќе се обиде да го спречи во намерата да прави Голема Русија, па ако треба и ќе употреби нуклеарна бомба. Дека е најмногу лут кога „браќата“ ќе му свртат грб и ќе го изневерат и дека нема милост ни за Русите во Украина што им порачуваат на руските трупи „одете си , не сте пожелни тука“. Дека е подготвен да ги уапси сите што ќе протестираат во Русија, бидејќи не само што нема разбирање за независни држави, нема ни почит за своите граѓани ниту желба да ги чуе нивните ставови. И дека е подготвен да го употреби аргументот на силата сите да не замолчи, и во Русија, и во Украина и нас овде дома. Толку е заслепен во својата величина што не може да му се каже дека тоа што никој освен Украинците се уште не го спречува, сепак, не е поради стравот од неговата воена моќ и заканите туку стравот од неговите неразумни одлуки.

Обраќањето на руската амбасада во Македонија всушност е знак на очај што Русија остана комплетно изолирана во светот околу воената интервенција, факт што мора да се „покрие“ со агресивни обвинувања  и да се сокрие од своите граѓани дома. Вака како што се позиционираше изминатите две недели, рускиот лидер има само два избора – да ја претвори Русија во Северна Кореја, а тој да го преземе приматот на Ким Џонг Ун како светска нуклеарна баба рога, или да тргне целосно по патот на Слободан Милошевиќ кој сакаше да ги исправа историските неправди кон Србија и заврши во Хаг со досие за невидени воени злосторства во Европа по Втората светска војна. Колку и да се надева дека ќе ги повтори авантурите од Чеченија, Абхазија, Јужна Осетија, Молдавија и Донбас и дека на крајот на преговарачка маса повторно ќе си обезбеди продолжение за неговата политичка иднина, светот му прати порака дека деновите на неговото силеџиство се избројана работа.

Зад силната руска пропаганда во стилот – „Путин кажа, Путин порача, Путин нареди, Путин се закани, Путин сака…“ стои жална фигура на лидер прегазен од цивилизацијата, напуштен од сите бивши советски републики освен застрашената Белорусија, напуштен од сите бивши држави на Варшавскиот договор кои најдобро знаат со кого си имаат работа, напуштен од сојузниците од интерес, па и од идеолошките сојузници Куба и Венецуела, бидејќи од гледна точка на ова што се случува во Украина, и нивните политики делуваат многу разумно.

Оправдувањата, што се купуваат лесно и кај нас, дека некој од Запад ѝ ветил на Москва дека НАТО нема да се проширува, се гола флоскула бидејќи никој не можеше тогаш да ги спречи бившите држави на Варшавскиот договор и на СССР да излезат што побргу од идеолошкото и политичко ропство, како и од недемократските методи на Русија. Далеку е од умот дека некој ѝ ветувал на Москва каква политика ќе водат штотуку ослободените и независни држави како Украина, а уште подалеку од умот е дека Русија треба да се прашува за тоа каде да оди оваа држава, вклучувајќи ги тука и нашите – Македонија и Црна Гора.

Таквите аргументи не само што не ги објаснуваат и оправдуваат масовните ракетирања на Украина, туку и покажуваат колку светот се смени, а колку Русија остана заглавена ментално, политички, идеолошки и демократски изминатите 100 години, при што очекува некои други земји да ја делат со неа таа „визија“ и судбина. Најмалку од сите ние во Македонија имаме основа да застанеме во одбрана на оваа политика и воена агресија, откако лично Путин порача дека Украина е вештачка држава, дека нема своја историја, дека нема право да постои, дека целта не е да ја окупираат туку да ја „ослободат“ и дека, ако сака да престанат рекетирањата и убивањата – треба да ги прифати сите руски услови. И, тоа да го прават истите кругови и ликови кои го отфрлаат Преспанскиот договор и фактот дека ни ја отвори вратата за членство во НАТО, бидејќи нѐ обезличувал.