Со премиерата на претставата „Оркестар Титаник“ Народниот театар од Охрид ќе го одбележи 15-годишниот јубилеј
Со двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, Народниот театар Охрид ќе одбележи 15 години постоење како дел од НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
На денешната прес-конференција по повод јубилејот, директорот на установата Горан Стојаноски истакна дека одбележувањето на 15-годишнината претставува признание за сите што во изминатиот период придонеле за развојот на охридскиот театар.

– Прославуваме една сериозна издржливост, креативност, инспиративност и она што е најважно – низ овие 15 години поминавме многу улоги. Благодарност до сите кои биле дел од овие процеси. Тоа не е мала работа, рече Стојаноски, додавајќи дека публиката отсекогаш била најважниот партнер на театарот.
Четириесет и шестата премиера на Народниот театар Охрид ја режира Андреј Цветановски, кој потсети дека токму со неговата претстава „Метаморфози“ биле поставени темелите на работата на охридскиот ансамбл.
– Ова е шеста премиера што ја работам во Охридскиот театар и многу ми е драго затоа што низ овие 15 години, како што растев јас како режисер и човек, така растев заедно со целата екипа. „Оркестар Титаник“ е приказна која носи апсурд, но и нешто длабоко човечко – потрагата по надеж. Тоа е претстава што отвора прашања за смислата на животот и местото на човекот во светот, рече Цветановски.
Актерката Верица Недеска, која повторно настапува на сцената на охридскиот театар, нагласи дека претставата носи силна порака за прифаќањето на сопствената средина и пронаоѓањето на среќата во себе.
– Сите копнееме да отидеме некаде каде што мислиме дека нè чека подобар свет, а често забораваме дека токму од нас зависи колку ќе ни биде убаво тука и сега. Тоа е една од најважните пораки на овој текст, рече Недеска.
Според актерот Никола Тодороски, новата премиера претставува „цреша на тортата“ во одбележувањето на јубилејот на театарот.
– Претставата отвора многу прашања за вистината, за илузиите што самите ги создаваме и за надежта што нè одржува. Она што го нуди е потсетување дека, колку и да се чини дека тонеме, ако добро се заслушаме, музика сепак се слуша и на дното на океанот, истакна Тодороски.

Стрезо Стаматовски оцени дека 15 години Народен театар Охрид претставуваат значајна платформа за идните генерации актери и театарски работници.
– Денес веќе постои театар кој стои на здрави нозе, со сериозни проекти и ансамбл што постојано се развива. Тоа е најголемата вредност што е создадена во овие 15 години, рече Стаматовски.
Во претставата настапуваат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски, а сценографијата и костимографијата се дело на Сергеј Светозарев.
Премиерните изведби на „Оркестар Титаник“ ќе се одржат утревечер и на 5 јуни со почеток во 20 часот, со што официјално ќе биде одбележан јубилејот – 15 години Народен театар Охрид.