Отворен конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2026, ќе трае до 1 јули


Отворен е конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2026. Годинава приоритетен вид е поезијата и опфаќа поетски преводни дела (поезија за возрасни и деца, драми во стих, итн.) објавени во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2026 година. Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

-Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени и од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу десет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу три книги. Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година, информираат од Издавачката куќа Антолог од Скопје.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.

Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот [email protected].

Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од реномирани преведувачи, писатели, книжевни критичари и промислувачи на преводот како вештина.

Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè – нивото на преводот, реномираноста на оригиналното дело, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн.

– Со оваа награда се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот, велат од Антолог. 

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).