Слушам те, слушам… 


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Покрај наводната борба со криминалот и висока корупција снимените материјали станаа и добро орудие за политичка пресметка и дискредитирање на поединци ,но и добра монета за трговија и богатење

 

Големиот брат те набљудува… Големиот брат те слуша. Оној кој раководи со минатото, тој управува со иднината. Оној кој раководи со сегашноста, тој управува со минатото. Власта не е средство, власта е цел. Диктатурата се утврдува не за да ја контролира револуцијата, револуциите се прават за да се утврди диктатуратаЦелта на репресијата е репресија. Целта на тортурата – тортура. Целта на власта е власт. Така пишуваше Џорџ Орвел пред 72 години, но исто како да го напишал денес.

Прислушувањето или следењето на комуникации, физичкото следење и аудио визуелното снимање никогаш не биле поприсутни и поприменувани отколку во последните 30 години. Мислевме дека тоа поглавје од нашите животи заврши со промена на системот и умирање на социјализмот кој некој го нарекуваат едноумие, но времето кое дојде стана време на безумие. Во тоа време на безумие, без контрола и усул, без морал и вредности, без казна и последици во прислушувањето на службите им се придружи и правосудството, судот и обвинителството.

Современата техника и можностите кои им ги даде, го направи обвинителството мрзливо и моќно, а судот недоветен, плашлив и послушник. Наместо да ги засука ракавите и да бара и обезбедува докази за евентуално сторено кривично дело, обвинителството се потпре на прислушувањето и разнебитеноста и исполитизираноста на судството. Обвинителството ги замени материјалните докази со прислушување и толкување на разговори со кои почна да докажува постоење на кривични дела. ПИМ или посебните истражни мерки станаа хит на сезоната, попопуларни и послушани од сите кафански хитови. Обвинителството влезе во домовите и спалните соби на луѓето и под превез на борбата за правда и закон ја продолжуваше тивката политичката војна помеѓу партиите кои сѐ повеќе личеа на кланови кои периодично се менуваат во фотелјите. Судиите потпишуваа сѐ и сешто и им даваа легалитет и легитимитет на обвинителско-полициско- партиските лакрдии. Од ваквите игри креирани по партиските центри се урнисуваше судството и се создаваше квази судска пракса за која и ден денес ни тегнат уши и добиваме воспитни по глава.

Решенијата за притвор станаа групни и терковски со препишан текст од законот и со ниту еден збор логично објаснување за постоење на кој било од основите за притвор. Наместо факти и докази кои ќе ја оправдаат и поткрепат најтешката мерка – притворот, уште во фаза на истрага судиите пишуваа дека поради висината на запретената казна основано се сомнева дека осомничениот ќе се даде во бегство или дека начинот и упорноста при извршувањето на делото покажуваат дека осомничениот ќе се даде во бегство. Зошто воопшто водиме истрага и трошиме пари кога уште во истрага се осудени. Најверојатно затоа и мерката притвор од мерка стана казна и трае со години.

Шпионажа, даночно затајување, трговија со дрога и уште еден куп предмети се водеа против цели групи луѓе и се докажуваа и судеа само врз основа на прислушувани разговори без при тоа да биде најден и грам дрога, доверливи документи предадени на некоја служба или други материјални докази без кои кривичното дело и не може да постои. Судските предмети станаа лакрдија во кои најчестите докази се муабетите кои Големиот Брат или Уво ги снимало и кои се сведуваат на ти реков-ми рече, рекла-кажала, нешто како жени на селска чешма.

Покрај наводната борба со криминалот и висока корупција снимените материјали станаа и добро орудие за политичка пресметка и дискредитирање на поединци, но и добра монета за трговија и богатење. Почнаа посебните истражни мерки да протекуваат на сите страни, по потреба и барање на моќниците кои материјалите ги имаа во своите раце а не смееа да ги имаат. Создадената колекција на прислушуваните разговори создадена од умоболните во УБК се зголеми со колекцијата создадена по барање на обвинителството, а со амин на судот и почна истата да се користи за потребите на моќниците заради политичка или материјална добивка. Партиската врхушка почна да создава своја колекција за свои потреби и неа ја користеше и ја користи дозирано заради стравот од колекцијата на противникот. Но како времето покажа дека само ситните риби одговараат во нашата земја политичките и бизнис тајкуни станаа сѐ побезобѕирни и објавуваа сѐ за што мислеа дека ќе ги дискредитира противниците. Единствен висок функционер кој беше суден и падна токму на прислушувањето и снимените материјали е токму оној кој требаше другите да ги гони врз основа на снимки, специјалната јавна обвинителка.

Официјалната колекција создадена од УБК и ОЈО доведе до создавање на куп приватни колекции на снимени разговори и материјали создадени од луѓе кои се уверија во нивната моќ. Почна секој секого да снима и слуша, секој секого да демне и набљудува секој секому да му се заканува со снимки и разговори.

Како и секогаш, а заради замачкување на очите на народот се подигна обвинение за прислушувањето и се формираше предмет „Таргет-Тврдина“ а на обвинителна клупа седнаа неколкумина воглавном од МВР. Но како и секогаш, обвинителството постапуваше селективно ,па не ги седна на обвинителна клупа одговорните од телефонските оператори, обвинители и судии кои бараа и определуваа посебни истражни мерки по нарачка и против луѓе за кои никогаш не се водела истрага и одговорните од собраниските комисии за надзор и контрола на работењето на службите.

Прислушувањето и начинот на кој се практикуваше и се практикува кај нас ги разниша темелите на општеството и државата,  ја уништи довербата на народот во институциите, создаде чувство на несигурност и страв помеѓу луѓето и нанесе огромна штета која допрва ќе дојде за наплата. Само целосно расчистување на случајот со неовластеното и незаконито прислушување и санкционирање на сите одговорни за истото, без исклучок, ќе создаде можност за градење на институции на здрава основа и враќање на доверба на граѓаните во државата, судството и системот вооошто.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)